Јункер: Ако ЕУ се распадне, ќе има нова војна на Балканот

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер ги предупреди САД за опасноста од нова војна на Балканот, доколку Европската унија “се распадне”, пренесува „EurActiv“.

Ова Јункер му го пренел на американскиот потпреседател Мајк Пенс, со кого имал средба минатиот месец во Брисел. Но, детали од разговорот се откриваат дури денеска во интервју за „Financial Times“.

Јункер изјави дека е “изнервиран и изненаден” од ентузијазмот на Доналд Трамп во врска со излегувањето на Велика Британија од ЕУ, и поради ова тој ги предупредил Американците за последиците од таквото однесување.

Шефот на ЕК смета дека однесувањето Трамп всушност покажало колку тој не ја разбира комплицираната историјата на Европа.

Јункер уште вели дека го предупредил неговиот потпретседател: “Вашингтон не треба да ги охрабрува другите земји да го имитираат Brexit”.

„Му реков на потпретседателот Пенс: Не  зборувајте така, не ги повикувајте другите да излезат, затоа што ако Европската унија се распадне, тогаш ќе има нова војна во Западен Балкан “, рече Јункер.

Шефот на Европската комисија смета  дека на регионот мора да му „се понуди европска перспектива”.

„Ако ги оставиме сами, Босна и Херцеговина, Република Српска, Македонија, Албанија, во сите овие земји, повторно ќе има војна”, изјави Јункер.