Јункер: Македонија е на добар пат, можна препорака за неколку месеци

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер истакна во неделата во Скопје дека во Македонија не пристигнал за да соопшти точен датум за почеток на преговорите, но напомена дека Македонија е на добар пат, постигнала напредок и оти доколку продолжи да се движи во таа насока за неколку месеци може да го добие очекуваното и оти таа препорака нема да биде условена.

„Не дојдовме да ви соопштиме датум, туку да ви кажеме дека сте на добар пат и ако продолжите по тој пат за неколку месеци ќе и дадете можност на Европската комисија на Советот да му препорача отпочнување на преговорите за приклучување“, рече Јункер на заедничката прес-конференција со премеиерот Зоран Заев, по нивната средба во Владата.

Јункер, кој беше придружуван од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, истакна дека земјата постигнала голем напредок, но треба да преземе уште чекори на патот кон ЕУ и оти одлуката за секоја земја ќе се носи врз основа на нејзините индивидуални достигнувања.

На македонските власти им порача да го решат спорот за името со нивните грчки пријатели. Посочи притоа дека во текот на разговорот со грчкиот премиер Алексис Ципрас во Брисел му порачал да остане на патот на кој сега се двете земји и да продолжи со напорите да се реши спорот со името.

Јункер рече и дека гледа напредок во процесот, а како доказ за тоа му биле измените на аеродромот, по одлуката да Владата тој да биде преименуван, како знак на отстапка во процесот на преговорите.

Во тој контекст челникот на владата на ЕУ порача дека Македонија е дел од Унијата и оти со својата историја е дел од Европа. Изрази поддршка за Владата, особено за премиерот Заев, за кого рече дека ја подобрил репутацијата на нашата земја. Воедно претседателот на ЕК порача дека ЕУ не е само економска заедница, туку и заедница на вредности.

Пред неговото кусо обраќање, премиерот Зоран Заев рече дека Стартегијата којашто ЕК ја подготви за Западен Балкан е знак дека иднината на Македонија е во ЕУ, а дека Македонија и денеска пред Јункер ја повторила својата евроатлантстка определба.

Заев истакна дека на средбата му укажал на претседателот на ЕК дека земјата вложува напори за унапредување на добрососедските односи.

„Македонија акцентот го става на градење нови мостови на соработка, отворен дијалог заснован на меѓусебно почитување. Затворањето на долгогодишните прашања не е едноставно. Охрабрени од Договорот за добрососедство со Бугарија продолживме со сериозна посветеност да работиме на решавање на проблемот што Грција го има со нашето уставно име, рече Заев.

Премиер нагласи дека за Владата е прифатливо име со географска одредница, кое ќе направи дистинкција меѓу Македонија и регионот во Грција, кој го носи тоа име.

„Инсистираме на решение, кое ќе биде трајно, но и ќе го почитува достоинството и ќе го заштити идентитетот на двете држави“, рече Заев.