Она што ЕКИПА синоќа го најави, денеска се реализираше – Хрватот Јуре Јербиќ потпиша за Шкендија. Тетовскиот клуб беше во потрага по засилувања за одбранбената линија, при што постигна договор со довчерашниот играч на Задар, кој не го криеше задоволството од трансферот во амбициозниот македонски прволигаш.
„Немав можност за премногу разговори со луѓето во Шкендија, преговорите одеа преку клубот, но презадоволен сум што беше постигнат договор и што доаѓам во Шкендија. Веднаш се гледа дека ова е сериозен и амбициозен клуб, има навивачи што се фантастични и никогаш не престануваат да му даваат поддршка на тимот. Се надевам дека со добри игри ќе ја оправдам довербата на водечките луѓе, кои ме доведоа во Шкендија“ – изјави Јербиќ при својата промоција во Тетово.
Овој 25-годишен фудбалер целата своја досегашна кариера ја минал во Задар, каде што настапувал и за сите младински категории.