Раководните лица на актуелниот шампион на Италија, тимот на Јувентус, се почесто ја разгледуваат опцијата за продажба на францускиот интернационалец Пол Погба кој подолг временски период важи за најголема желба на шпанскиот гигант Реал (М) и на најбогатиот клуб во француската Прва лига, ПСЖ.
Иако генералниот менаџер на „старата дама”, Џузепе Марота, постојано повторува дека 21-годишниот играч за врска има статус на недопирлив во Торино, таквиот став лесно ќе добие поинаква насока доколку понудата за репрезентативецот на Франција не биде помала од 80 мил. евра.
Таквото астрономно побарување ќе биде проблем и за раководните лица на Реал (М) и ПСЖ кои се подготвени да понудат околу 50 до 60 милиони евра за поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед.
Во случај да биде реализирана продажбата на Погба, раководните лица на Јувентус ќе се обидат да ги осигураат услугите на словачкиот интернационалец од редовите на Наполи, Марек Хамшик кој ќе биде ангажиран на местото на францускиот интернационалец.
Искусниот играч за врска може да добие дозвола за промена на клупската средина, но само по еден услов, понудата на Јувентус да не биде помала од 35 милиони евра.