Фудбалерите на Јувентус се на само еден чекор од посакуваната одбрана на шампионската титула откако во последниот натпревар од 35. коло во италијанската Серија А со сигурни 3:1 го победија новајлијата во елитното друштво, тимот на Сасуоло.
Избраниците на Антонио Конте сега имаат обврска да освојат само два бода во последните три првенствени натпревари од актуелната сезона, а тоа можат да го направат веќе на 5 мај, кога ќе се обидат да ја искористата предноста на домашниот терен во дуелот со секогаш незгодниот тим на Аталанта.
“Сега во главата ми се мота информацијата дека сме направиле уште еден голем чекор кон историското “скудето”, трето по ред. Сакам да го освоиме веќе во следното коло, сакам победа во дуелот со Аталанта и сакам големо славје со најверните фанови. Од петок ќе мислиме на тој натпревар, а сега сме сконцентрирани на реванш полуфиналниот дуел од Лигата на Еверопа против екипата на Бенфика”, изјави предводникот на “старата дама”, Антонио Конте.