Јувентус спасуваше бод на гостувањето во Бергамо

Италијанскиот фудбалски шампион Јувентус остана непораен во оваа сезона од Серија А и по 18-то коло во кое одигра 2:2 (1:1) на гостувањето кај Аталанта во Бергамо, каде мораше да го брка водстството на домашните со играч помалку.

Јувентус поведе уште во 2 минута со голот на Џимсити, но Аталанта направи пресврт со двата гола на Запата во 24 и 56 минута. Во меѓувреме „Старата дама“ од Торино остана со играч помалку бидејќи во 53 минута Бетанкур го доби вториот жолт картон. Но во 78 минута Кристијано Роналдо во мешаница со глава успеа да ирамни на 2:2.

Роналдо мечот го започна од клупата, првпат оваа сезона. Последен пат тој беше резерва во шпанскиот Суперкуп меѓу Барселона – Реал Мадрид (1:3) на 14-ти август 2017 година, а во шампионатен натпревар, последниот сличен случај датира од 11-ти мај 2013 година, кога Реал ремизираше 1:1 како гостин на Еспањол. Од тој момент, тој секогаш е или меѓу стартните 11 или е отсутен од групата од различни причини.

Ова е само втор натпревар на Јувентус во првенството оваа сезона во којашто не победи, сега има 16 побнеди со две нерешени средби, и убедливо води на табелата со 50 бодови, девет повеќе од вториот Наполи кој од 20,30 часот гостува кај третиот Интер кој има 33 бодови. Аталанта, пак, сега е осма со 25 бодови.

Калјари на домашен терен со 1:0 ја совлада Џенова, а до победата дојде со голот на Фараис во третата минута од судиското продолжение на првото полувреме. Калјари сега е 13-ти со 20 бодови, еден повеќе од 14-та Џенова.

Фиорентина, пак, со гол во втората минута на судиското продолжение на првото полувреме кој го постигна Инглезе пред своите навивачи е поразена од Парма. И 9-та Фиорентина и 10-та Парма сега имаат по 25 бодови.

Лацио со 2:0 славеше на гостувањето кај Болоња, а стрелци за гостите беа Луис Фелипе во 30 и Сенад Лулиќ во 90 минута. Ова беше дуел меѓу двајцата браќа поранешни италијански репрезентативци сега тренери, Болоња ја водеше Филипо Инзаги а Лацио, Симоне Инзаги. Лацио е четврти со 31 бод, а Болоња е во опасната зона 18-та е со 13 бодови.

Претходјно во средата Фросиноне и Милан играа 0:0, па сега миланските „црно-црвени„“ се шести со 28 бодови, додека Фросиното не претпоследно 19-то со само 10 бодови.

Подоцна во средата играат: Рома – Сасуоло, СПАЛ – Удинезе, Торино – Емполи и Интер – Наполи.