АНАЛИЗА: „Јужен поток“ во заробеништво на конфликтите во Европа

Бугарскиот пристанишен град Варна требаше да биде порта за новиот голем гасовод кој треба директно да ја поврзе Европа со големите руски резерви на гас. Сега проектот е замрзнат. Врските меѓу Бугарија, ЕУ и Русија се прекинати откако ескалираше конфликтот во Украина.

ЕУ во јуни од бугарската влада побара да прекине со работата на гасоводот „Јужен поток“ со тврдење дека ги крши правилата на Унијата. Набргу потоа делегација од американски сенатори се сретнаа со бугарскиот премиер, за да изразат загриженост во врска со проектот и влијанието на Русија преку овој проект. Тие исто така ја критикуваа Бугарија што во проектот учествува компанија против која САД има изречено санкции.

„Она што на Владимир Путин му дава силна власт и контрола се наоѓалиштата на нафта и гас и зависноста на Западна и Источна Европа од нив“, изјавил сенаторот Рон Џонсон во едно негово интервју.

„Треба да ја ослабнеме неговата контрола врз енергетските ресурси. Треба да се здроби овој монопол“, посочил тој.

Енергетската индустрија и нејзината мрежа на корпорации испреплетена со владини и економски интереси, се покажува како клучна точка за притисок во украинската криза. САД и Европа воведоа санкции против неколку високи личности од рускиот бизнис од областа на нафтената и гасната индустрија, што ги усложнува работите на мултинационалните енергетски гиганти. Во исто време стигнуваат обвинувања за ограничувања во дејствата на Западот против Москва, поради зависноста на Европа од рускиот гас.

„’Јужен поток’ е најголемиот енергетски проект кој се испречи на средина на овој политички вкрстен оган. ’Јужен поток’ кардинално ја подобрува енергетската безбедност“, вели Масимо ди Одоардо, аналитичар во „Вуд Мекензи“ во Единбург.

„Тој сепак, ја зголемува зависноста од Русија“, додава тој.

Со оглед на високата цена на проектот, не е јасно дали ќе се испостави како економски значаен. Земјите низ кои треба да поминува гасоводот, се релативно мали потрошувачи на гас, додека развиените земји како Германија, Франција и Италија имаат голем број енергетски алтернативи. Вкупно потрошувачката на гас во Европа се намалува поради слабиот економски раст и големите инвестиции во обновливите извори на енергија, како сонце и ветер.

„Гасоводот е скап и може да се покажеи како не толку профитабилен“, вели аналитичарот Клиф К`пачан од „Евроазија Груп“

„Јужен поток“, сепак заедно со „Северен поток“ е составен дел на руската енергетска политика. Двете мрежи ќе и’ овозможат на Русија да извезува природен гас за Западна Европа, по пат кој ги опкружува поранешните советски републики и земјите сателити.

ЕУ и Русија водеа сложени преговори за усогласување на гасоводот во согласност со европското занодавство. Украинската криза сепак го забави темпото и напредокот на разговорите. Политичките лидери на Бугарија дадоа благослов за гасоводот. Тие проценија дека проектот вреден 3,5 милијарди евра ќе создаде илјадници работни места, ќе даде поттик на градежниот сектор и на тој начин ќе донесе економско заживување во северниот дел на земјата – еден од најсиромашниоте региони во Европа. Првите испораки на гас беа планирани да започнат следната година. Во тендерите за договорот за изведувач на проектот учествуваа 11 компании од Австрија, Белгија, Германија, Индија, Италија, Јапонија, Русија и Шведска. На 25-ти мај, годинва, беше објавен победникот на тендерот на бугарскиот дел од гасоводот и беше избран конзорциум предводен од руската компанија „Стројтрансгас“ на Генадиј Тимченко, против кого претходно Вашингтон веќе имаше воведено санкции.

Одлуката на бугарскиот премиер да го прекине проектот предизвика конфликти во нестабилната политичка коалиција во земјата, а министерот за енергетика и економија дури изјави дека проектот е „неповратен“. Дебатата за проектот по се’ изгледа игра важна улога во кампањата за парламентарните избори закажани наесен. Владејачките социјалисти сеуште цврсто се држат зад одлуките, додека десничарската опозиција вели дека ако победи на изборите ќе го поништи договорот со „Стројтрансгас“.

„Подложени се на силен притисок и од Москва и од Брисел“, коментира аналитичарот Огњан Минчев.

И покрај целата несигурност може да е тешко да се запре инертното движење на „Јужен поток“, нагласуваат професионалци во секторот. Огромно количество на специјални челични цевки издржливи на високи притисоци, од Русија пристигнале во бугарското пристаниште Бургас. Цевките се наменети за делот кој ќе поминува по дното на Црното Море од рускиот град Анап до Варна и кој ќе чини над 10 милијарди евра.

 

gasovod-juzen-tek-600x258

„’Јужен поток’ е како воз во движење и ќе бидат потребни многу напори за да биде запрен“, вели Тревор Сикорски, аналитичар во лондонската маркетинг фирма „Енерџи аспектс“.