Jужна Кореја: Поднесена иницијатива за отповикување на претседателот Јун, гласањето во сабота

Најголемата јужнокорејска опозициска партија поднесе во петокот втора иницијатива за отповикување на претседателот Јун Сук Јеол, а парламентот ќе гласа за негово отстранување во сабота во 17 часот по локално време, извести новинската агенција Yonhap.

Нивното прво барање пред една седмица не успеа, бидејќи членовите на владејачката Партија на народната моќ (PPP) на Јун ја бојкотираа постапката, па не беше постигнат неопходниот кворум.

Но, шансите Националното собрание да се ослободи од сѐ непопуларниот Јун сега се поголеми. Парламентот има 300 пратеници, опозицијата има 192 места и потребни се уште осум гласови, бидејќи за отповикувањето на Јун потребни се две третини или 200 гласови за негово соборување од функцијата.

Седум парламентарци од владејачката партија PPP веќе јавно ја објавија својата намера да го поддржат предлогот. И претседателот на PPP, Хан Донг Хун, отворено ја изрази својата поддршка за предлогот во четвртокот.

Превирањата произлегуваат од неочекуваното прогласување на вонредната воена состојба од страна на Јун на 3 декември, којашто самиот под притисок на јавноста и по масовните протести ја укина шест часа подоцна

Во четвртокот, Јун ја бранеше својата одлука во импровизирано телевизиско обраќање до нацијата, велејќи дека го презел чекорот за да ја заштити нацијата од „антидржавните сили“, што значи неговите политички противници. Овие луѓе, посочи Јун, ќе ја парализираат владата и ќе го нарушат уставниот поредок на земјата.