Јужнокорејски рибарски брод потона во Беринговото Море

Едно лице загина, а 52 други се водат како исчезнати, откако еден јужнокорејски рибарски брод потона во водите на Беринговото Море, крај источниот брег на рускиот полуостров Чукотка., објави МИА.

Според властите на Јужна Кореја, бродот се насукал нешто по пет часот по локално време. Пред исчезнувањето на бродот, неговиот капетан или екипажот не испратиле никаков сигнал дека имаат проблеми, ниту јавиле дека во текот на пловидбата се соочуваат со какви било тешкотии.

Бродот „Орионг“ има носивост од 1.600 тони и е изграден пред 40 години. На него работела меѓународна посада од 60 рибари и членови на екипажот, од кои 35 се Индонезијци, 13 Филипинци и 11 Јужнокорејци. На бродот се наоѓал и еден руски инспектор.

Руските медиуми јавуваат дека засега се спасени седум лица, но забележуваат дека лошото време, како и студената вода ја отежнуваат операцијата за спасување. Се стравува дека во такви услови ќе биде речиси невозможно да се најде уште некој преживеан.