Регресот за годишен одмор на вработените, К-15 сепак ќе се исплаќа, но во помал износ. Приватните компании и натаму ќе го исплаќаат регресот на вработените, но, постои можност тој да биде утврден и на понизок износ од утврдениот и тоа на најмалку 40 проценти од просечната месечна нето плата по работник исплатена во последните три месеци.
По повеќе работни средби, текстот на Спогодбата за именување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството вчера беше потпишан од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија .
Како што информираше МИА, според Спогодбата, Социјалните партнери постигнале договор правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните 3 месеци, која претставува основица за исплата, да остане и понатаму и тоа да го користат сите вработени во приватниот сектор.
– Ценејќи ја економската и финансиската состојба, постоењето на последиците од економската, финансиска и должничка криза и потешкотиите кај одделни работодавачи, а со цел да се обезбеди сигурноста на работните места и елиминирање на опасноста од нивно губење, партнерите како исклучок договорија дека правото на регрес за годишен одмор може да се утврди и во помал износ од утврдениот, но само доколку се постигне спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација, но по претходна задолжителна консултација со синдикатот на ниво на гранка или оддел. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците, наведуваат од ССМ.
Социјалните партнери се договорија да се продолжи и важноста на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството за уште 2 години.
Социјалните партнери, како што истакнуваат во соопштението, по скоро двомесечни преговарања ја покажаа и на овој начин вредноста на социјалниот дијалог, определбата да нема кратење на работничките права, но и грижата да не дојде до нарушување на нормалниот процес на производство и губење на работни места.