Министерството за одбрана повторно ја постави спомен-плочата со имињата на 10-те загинати бранители во месноста Карпалак на автопатот Скопје-Тетово. Претходно, таа беше искршена на 9 август годинава, еден ден после одбележувањето на 23-годишнината од трагедијата за време на воениот конфликт од 2001, кога конвојот од бранителите беше нападнат од терористите од т. н. ОНА.
Во нападот во кој беа користени ракетни фрлачи и тешки митралези, загинаа млади лица, бранители, сите од Прилеп, кои со камиони беа упатени кон касарната во Тетово.
Откако е поставена оваа спомен-плоча на истото место, досега седум пати е кршена, но ниту еден сторител не е откриен од надлежните служби.
При секое годишно одбележување, од Здруженијата на бранителите се бара на ова место да се изгради достојно спомен-обележје кое ќе потсетува на големата жртва која ја дадоа бранителите на Македонија. А, не вака, само венци и цвеќе да се положуваат на банкината на автопатот. Но, за жал, досега ништо не е направено, и има само ветувања од досегашните влади.