Кај над 80 отсто од новозаразените во Кичево идентификуван британскиот сој, многу хоспитализирани

Од претходната седница во Кичево бројот на новозаболени е секојдневно во пораст, што се рефлектира и врз бројот на згрижени во ковид-центарот во кичевската Општа болница.

Од новозаболените, над 80 проценти се инфицирани од британскиот сој на коронавирусот, кој е позаразен од основната варијанта на коронавирусот, а пациентите примени во болница имаат потешки симптоми и смртните исходи се почести, потврди Неџат Балажи, началник на оддел во кичевската Општа болница. 

„Последните 7-8 дена секојдневно бројот на новозаболени во нашата болница е се поголем, и од средата бројот на инфицирани е дуплиран и моментално во ковид центарот се згрижени 19 пациенти. Едно лице во тешка состојба е упатено за Скопје, додека една помлада личност со коморбидитети ја загуби битката со Ковид 19. Пациентите кои се примаат во нашиот ковид центар се со многу потешка клиничка слика споредено со лани, а бројот на починати е во пораст“, рече др Балажи.

Посочи дека дел од персоналот од останатите оделенија од средата е ангажиран во ковид-центарот, за да се одговори на зголемените обврски.