Нема заедничка одлука на ЕУ за Украина да користи оружје со долг дострел

ЕУ не може да ѝ даде зелено светло на Украина да користи оружје со долг дострел донирано од земјите-членки за напади врз Русија, бидејќи националните влади сакаат да носат такви одлуки поединечно, изјави шефот за надворешна политика на блокот, Жозеп Борел.

Киев тврди дека неговата неспособност да нападне цели длабоко во Русија со западно оружје ја спречува да напредува на бојното поле. Ова прашање беше дискутирано во четвртокот на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, изјави Борел за новинарите по собирот.

„Земјите-членки сакаат да го задржат како национална одлука и секоја посебно ќе ја донесе одлуката што ја смета за соодветна“, рече тој.

Со оглед на тоа што многу земји на ЕУ не ја снабдуваат Украина со оружје со долг дострел, нивното „практично учество“ во формулирањето на политиката е спорно, рече Борел, истакнувајќи дека државите што снабдуваат оружје сакаат да ја насочат Украина за начинот на кој може да се користи нивниот хардвер, наместо делегирање на одлуката на ЕУ.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба повика на укинување на ограничувањата на дострелот и се пожали дека не било испорачано целото ветено оружје, пред да учествува на состанокот на ЕУ.

„Оние кои ќе се обидат да ја обвинат Украина дека не е доволно успешна, секогаш треба да запомнат дека успехот на Русија зависи од една работа: од подготвеноста на украинските партнери да донесуваат храбри одлуки“, рече тој. „Ако нема такви одлуки, не се жалете на Украина, туку на себе“.

Борел го поддржа повикот на Кулеба, велејќи дека не треба да има ограничувања за украинската воена акција.

– Мораме да ги укинеме ограничувањата за употреба на оружје против руски воени цели, во согласност со меѓународното право. Оружјето што ѝ го доставуваме на Украина мора да биде целосно искористено, а ограничувањата мора да бидат укинати за да можат Украинците да целат на местата од кои Русија бомбардира. Во спротивно, оружјето е бескорисно – изјави Борел за новинарите во Брисел, пред состанокот на министрите за надворешни работи и министрите за одбрана на ЕУ.

Претходно оваа недела Киев го загуби првиот борбен авион Ф-16 од малиот број што му го обезбедија европските спонзори. Уништувањето на авионот беше потврдено во четвртокот вечерта, откако се појавија информации во западните медиуми. Киев не ги откри околностите на инцидентот, но еден украински пратеник и некои други извори тврдат дека бил соборен со пријателски оган од американскиот Системот за противвоздушна одбрана „Патриот“.

Американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц се против напади со ракети со долг дострел врз Руската Федерација, бидејќи се загрижени за ризикот од ескалација на судирот. Реномираниот „Фајненшл тајмс“ потсетува дека сојузниците ја имале истата загриженост кога доставувале високопрецизно оружје, како на пример најсовремени тенкови и авиони „Ф-16“, но „заканите на Москва секојпат завршувале без соодветно или прекумерно возвраќање“.

Имено, Лондон веќе неколку месеци му докажува на Вашингтон дека Украина треба да ја добие оваа поддршка. Во тој контекст, медиумот потсетува дека веќе постои соодветен поднесок на Киев, во вид на барање и дозвола, кој на почетокот на летото бил испратен до Вашингтон и Париз. Сепак, „Даунинг стрит“ (Лондон) признава дека е потребен консензус меѓу западните сојузници за такво контроверзно прашање и дека „тие треба да дејствуваат заедно“.

За истото прашање, според британски „Телеграф“, „Британија го поддржува давањето дозвола на Украина да ја нападне руската територија со ракети со долг дострел ’сторм шедоу’, но не го отвора ова прашање јавно за да не предизвика скандал со САД“. Во написот во „Телеграф“ се наведува дека британските ракетни напади на руска територија „нема да бидат извршени без американска дозвола“!

Имено, експерти за „Телеграф“ толкуваат дека „британските ракети обично се користат заедно со високософистицирани американски системи за кои е потребна дозвола од Вашингтон“. Според весникот, Британија не испратила официјално барање до САД бидејќи Белата куќа е против таков чекор, плашејќи се да не биде вовлечена во конфликтот.
– Сакаме да разговараме за вакви прашања со нашите сојузници, а не да избрзуваме – вели извор од британската влада.
Aмериканскиот политиколог Џон Мершајмер во интервју за јутјуб-каналот „Џаџинг фридом“ вели дека oд самиот почеток на украинскиот конфликт, Западот му обезбедил на Киев сè што му беше потребно за „да се промени ситуацијата на бојното поле“, но, реално и одлучувачки, досега ништо не помогна.