Кај речиси 90 отсто од новозаразените со Covid-19 жители на руската престолнија е потврдено присуството на ткн „индиски“ сој на коронавирусот, изјави во петокот московскиот градоначалник Сергеј Собјанин во интервјуто за првиот канал на јавната телевизија.
Собјанин притоа го предупреди московјаните дека новиот сој се шири побрзо и делува поагресивно од „оригиналната“ варијанта на коронавирусот која се појави во декември 2019 година во кинески Вухан, а која досега доминираше во Русија. Мутираниот вид го нарекуваат „делта“, додаде градоначалникот на Москва.
„Најновите податоци кои ги добивме покажуваат дека 89,3 отсто од пациентите (во Москва) се разболеле од мутираниот коронавирус, ткн делта, а станува збор за индискиот сој. Се покажа дека тој е поагресивен, се шири побрзо и многу е тешко човек да му се спротистави. Неговиот имунолошки статус мора да биде речиси двојно поголем отколку во случај на вуханскиот вирус“, рече Собјанин во интервјуто.
Според него, силата на мутираниот сој е причината за „експлозивниот, едноставно огромниот“ раст на хоспитализациите на корона-пациентите во Москва.
„Всушност, како што стојат работите, ние почнувме одново да ја минуваме приказната. Покрај тоа, со многу потешки последици… Ставаме во функција нови болници речиси секој ден, нови оддели за борба со ковидот, и одвај успеваме“, заклучи градоначланикот на руската престолнина.
Ден претходно Собјанин рече дека за два дена во главниот град биле вратени во употребна 600 кревети за лекување на пациентите со коронавирусна инфекција, што одговара на згрижувачките капацитети на една од поголемите болници во Москва. Градоначалникот прецизираше дека во метрополата со меѓу 11 и 13 милиони жители досега биле поставени 17.000 кревети за ковид-пациентите, како и дека нивниот број наскоро ќе ја достигне максималната бројност од 24.000 болнички легла.
Во последното деноноќие во Москва се потврдени 9.056 нови случаи на Covid-19, што е максималниот показател од почетокот на пандемијата.
Претходно седмицава Собјанин најави воведување нови рестриктивни мерки поради тешката епидемиолошка состојба во Москва. Откако минатата седмица поради тоа беше прогласена за неработна, во следните десет дена ќе бидат затворени детските игралишта, зоолошките паркови, продавниците за брза и храна за носење. Забранети се организирање масовни настани со повеќе од илјада луѓе.
Во Москва започнува и експериментот „безковидни“ ресторани, во кои ќе работи само персонал кој е вакциниран, а посетителите задолжително ќе мора да ги покажат QR-кодот со кој се потврдува вакцинацијата против коронавирусот.