Кабинет на Иванов: Тврдењата на Јанева се неосновани и тенденциозни

Кабинетот на претседателот на Република Македонија во денешната писмена реакција оценува дека тврдењата на Катица Јанева се неосновани и тенденциозни и ја советува специјалната јавна обвинителка да покаже барем минимално ниво на култура и почит кон институцијата Претседател и одговорност кон функцијата што ѝ е дадена.

– Ја потсетуваме Јанева дека својот втор мандат претседателот Иванов го почна во 2014 година, а не во 2013, 2012 или 2011 како што таа изјави, односно неговиот избор за Претседател на Република Македонија нема никаква врска со периодот од кога датираат наводните разговори врз основа на кои Специјалното јавно обвинителство ги покренува обвиненијата, се наведува во реакцијата од Кабинетот на Иванов.

Со денешната изјава Јанева, како што посочуваат од Кабинетот на Иванов, го оспори и сопствениот легитимитет бидејќи е избрана токму од, според неа, нелегитимното Собрание на Република Македонија, а сопствениот легитимитет го црпи од Законот за Специјалното обвинителство што е прогласен со указ потпишан од исто така, според нејзините тврдења, нелегитимниот Претседател.