Министерството за надворешни работи информира дека од Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон било добиено уверување дека употребата на придавката „Северномакедонци“ за граѓаните на Македонија е ненамерна грешка.
-Покрај редовната комуникација со амбасадата на Франција во земјава, Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес оствари телефонски разговор со Кабинетот на претседателот Емануел Макрон, од каде доби уверување дека при употребата на придавката за граѓаните на Северна Македонија, направена е ненамерна грешка, потврдувајќи го притоа официјалниот став на Франција за целосно почитување на официјалното име на државата, државјаните на Северна Македонија, како и соодветните придавки, на начин како тие се дефинирани и прифатени во Обединетите нации, согласно Преспанскиот договор, се вели со соопштението на МНР.