Кабинетот на Нетанјаху: Израел се бори „со полна сила“, не одговори на повикот за примирје

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ порача на армијата да продолжи да се бори „со полна сила“ и не одговори на вчерашниот повик за прекин на огнот, соопштија од неговата канцеларија во четвртокот, објави BBC откако медиумите претходно напишаа дека тој наводно дал зелено светло за примирје со либанското шиитско движење Хезболах.

Телевизиската станица N12 претходно во четвртокот објави, цитирајќи неименуван службеник во канцеларијата на Нетанјаху, дека Израел, наводно, дал зелено светло за прекин на огнот со Хезболах за да преговара за потраен договор.

„Веста за примирјето не е точна. Станува збор за американско-француски предлог, на кој премиерот ниту одговори. Веста за наводната наредба за намалување на борбите на северот е, исто така, спротивна на вистината“, изјави Нетанјаху, објави неговиот кабинет како одговор на предлогот на 12 меѓународни сојузници кои се залагаа за договор за прекин на огнот.

Обединетото Кралство им се придружи на САД, Франција и низа сојузници во повикот за итен привремен прекин на огнот во Либан, предупредувајќи дека ескалацијата на насилството меѓу Израел и Хезболах е „неподнослива“.

Во заедничката изјава, 12-члениот блок повикува на 21-дневен прекин на огнот „за да се обезбеди простор за дипломатија во насока на постигнување дипломатско решение“, како и прекин на огнот во Газа.

„Премиерот им нареди на IDF (израелските одбранбени сили) да продолжат да се борат со полна сила и во согласност со плановите што му беа презентирани. Исто така, борбите во Газа ќе продолжат се додека не се постигнат сите воени цели“, додава кабинетот на Нетанјаху.

Израелската армија во соопштението од четвртокот истакна дека продолжува со нападите врз цели на Хезболах во Либан, но не даде дополнителни детали.

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац во четвртокот го отфрли предлогот за договор за прекин на огнот во Либан, откако САД и Франција повикаа на 21-дневно примирје за да се овозможи постигнување дипломатско решение.

„Нема да има примирје на север. Ќе продолжиме да се бориме против терористичката организација Хезболах со сите сили до победата и безбедното враќање на жителите во нивните домови на северот“, рече тој на социјалната платформа Х.

Прекуграничната размена на оган меѓу Хезболах и израелската војска започна по почетокот на војната во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас, предизвикана од нападот на палестинското исламистичко движење на 7 октомври на израелска територија.

Судирите се интензивираа по бранот експлозии на комуникациски уреди на Хезболах на почетокот на минатата недела, во кои загинаа 39 лица, а беа ранети 2.931, според либанските власти.