Кабинетот на британскиот премиер Борис Џонсон во петокот ѝ се извини на кралицата Елизабета Втора откако јавноста дозна дека персоналот во премиерската резиденција во Даунинг Стрит 10 се забавувал до доцна во ноќта во пресрет на погребната церемонија на принцот Филип, во време кога масовните дружења во затворен простор беа забранети поради епидемијата на коронавирусот.
На премиерот Борис Џонсон му се заканува најтешката криза во текот на неговиот мандат по речиси секојдневните сознанија за низа забави во текот на „локдаунот“ поради Covid-19, поради што другите британски граѓани не можеа да присуствуваат на семејни прослави, на венчавки па дури и на погребите на најблиските.
Градејќи ја политичката кариера на презирање на прифатените норми, Џонсон сега се наоѓа под сѐ поголем притисок од пратниците од неговата Конзервативна партија. Критичарите велат дека тој не е во состојба да владее и дека ги измамил парламентот негирајќи дека биле кршени строгите епидемиолошки мерки во неговиот кабинет.
Во необичниот расплет на долгата приказна која нашироко ја исмејуваа комичарите и карикатирустите, весникот The Daily Telegraph објави дека забави се одржувале во Даунинг Стрит 10 на 16-ти април 2021 година, ден пред погребот на принцот Филип.
„Многу е тажно што ова се случи во време на националното тагување и Даунг Стрит му се извини на дворецот“, изјавил портпаролот на премиерот за новинарите.
Премиерот Џонсон тој ден се наоѓал во резиденцијата Чекерс и не бил поканет на ниеден од собирите, додал портпаролот.
Во написот на The Daily Telegraph се истакнува дека пијанката во Даунинг Стрит била толку раскалашана што персоналот се осмелил да отиде до блиска продавница да купи големи количества алкохол, го истурале виното по теписите во резиденцијата, а била скршена и лулашката којашто ја користел малиот син на премиерот.
Следниот ден кралицата Елизабета се прости од сопругот принцот Филип, со кого во брак беше 73 години, а кој почина на 99-годишна возраст. Облечена во црнина со бела опшивка на црната маса на устата, 95-годишната кралица предизвика сожалување во јавноста седејќи осамена, строго придржувањејќи се до епидемиолошките мерки во текот на погребната церемонија за принцот Филип во дворецот Виндзор.