Израел Кац: Нема да се согласиме на прекин на огнот, Хезболах мора да се повлече зад реката Литани

Израел ќе отфрли секаков прекин на огнот што нема да предвиди повлекување на Хезболах назад зад реката Литани, изјави во средата министерот за одбрана Израел Кац во врска со извештаите дека таков договор е близу.

„Нема да се согласиме на ниту еден прекин на огнот, нема да ја тргнеме ногата од гасот и нема да прифатиме никаков договор што не вклучува постигнување на воените цели“, рече Кац при посетата на Северната команда.

Ова вклучува „разоружување на Хезболах, негово повлекување надвор од реката Литани и создавање услови за жителите на северот (на Израел) безбедно да се вратат во своите домови безбедно“, рече Кац додека ги изложуваше израелските услови за таков договор.

Секој таков договор мора да му даде право на Израел да го „спроведе“ договорот и да „дејствува против секоја терористичка активност и организација“, објасни Кац.

„Терористичката инфраструктура се урива во Бејрут, ќе продолжиме да го гаѓаме Хезболах насекаде“, додаде израелскиот министер.

Претседателот на либанскиот парламент Набих Бери, поранешен сојузник на Хезболах и поддржан од шиитското движење да преговара, беше цитиран како рече дека Либан чека конкретни предлози за прекин на огнот и дека не бил официјално информиран за какви и да се нови идеи.

„Она што е на маса е само Резолуцијата 1701 на ОН и нејзините одредби, кои мора да бидат имплементирани и почитувани од двете страни, а не само од либанската страна“, изјави за лондонскот весник на арапски јазик Asharq Al-Awsat, Бери кој помогна во преговорите за примирјето во 2006 година по војната со Хезболах која во Израел се доживеа како пораз и неуспех што предизвика тогаш големи превирања на израелската политичка сцена.

САД ја засилија својата дипломатска активност во последните недели и се надеваат дека ќе постигнат договор пред американскиот претседател Џо Бајден да ја напушти функцијата на 20. јануари. Статусот на Бајден како челник на заминување би можел да ја попречи неговата способност да постигне договор кој ќе биде во интерес на Израел, но Либан е една од темите каде и американските администрации во заминување и претстојните би можеле да имаат исти политички цели за таков договор, оценува The Jerusalem Post.

Постои широка согласност дека секој договор ќе се заснова на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на Обединетите нации, која ги постави условите за прекин на огнот со кои заврши таканаречената Втора либанска војна во 2006 година. Таа резолуција наложува повлекување на Хезболах од областа меѓу Израел и реката Литани, но никогаш не е спроведена иако мировниците на Обединетите нации го надгледуваа тој регион во таканаречената Сина линија.

САД сега бараат механизам за спроведување што ќе обезбеди единственото вооружено тело во таа област да биде либанската армија.

Израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер се состана со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во понеделникот на разговори околу условите за договорот. Франција, којашто, исто така, беше вклучена во посредувањето, разговараше со Израел минатата седмица за неговите безбедносни пашања кога нејзиниот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро ја посети еврејската држава минатата седмица.

Израелската армија во средата, втор ден со ред, изведе масовен напад врз јужните предградија на Бејрут за кои тврди дека се бастион на Хезболах. Истовемено Либан ги чека најновите предлози на Вашингтон за прекин на огнот, откако американски функционер изрази надеж дека може да се постигне примирје.

Повеќе од седум седмици од почетокот на израелската инвазија во Либан, во последните напади беа срамнети со земја неколку згради во бејрутското предградие Дахија и беа убиени шест лица во село јужно од либанскиот главен град.