Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска му порача на собранискиот спикер Талат Џафери да го заложи својот авторитет и пратениците да изберат нови четворица уставни судии во најкус можен рок.
Во писмо упатено до Џафери, судијката наведе дека е отежнато функционирањето на судот, наведувајќи дека во моментов за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство.
Во моментов работат единствено пет судии од предвидените девет. Инаку, за Собранието да ја започне постапката треба да избере нов претседател на собраниската Комисија за избори и именувања, бидејќи доскорешниот претседател Костадин Костадинов стана градоначалник на Струмица и негов наследник не е избран.
Иако комисијата има заменик – претседател, сепак тој според собранискиот деловник нема овластувања да отвори нова седница на комисијата на која би се одлучувало за избор на уставни судии.