Кацарска не прифаќа повеќе оправдувања за отсуство на Јанкулоска на судења после породувањето

На поранешната министерка за внатрешни работи која од вчера за првпат стана мајка, повторно ќе и се суди од крајот на август.

Јанкулоска требаше денеска да се појави на судење за предметот наречен „Тенк“, односно за набавката на службениот „мерцедес“, но таа пред Судечкиот совет на скопска „единица“ ќе се најде на 29. август, а потоа ќе следат уште 25 термини за судење.

Во отвореното писмо самата Јанкулоска кажа дека и следат 45 дена, а јас одредив термин за судење кој е многу подолг, односно продолжнието на судењето доаѓа по 62 дена и уште сега укажувам на тоа дека нема да прифатам никакви нови одложувања на судењето – рече судијката Добрила Кацарска.

Судијката Кацарска веќе ја предупредила одбраната на обвинетата Јанкулоска дека на наредните судски рочишта нема да прифати никакви боледувања, како на неа, така и за нејзиното новороденче.

Иако одлуката на судот некому може му делува нехумано, сепак треба да се знае дека судот има потврда дека боледувањето кое што на Јанкулоска и беше издадено на 12 април оваа година, без таа да биде прегледана, е отворено спротивно на законот, а токму тоа боледување беше основ за раздвојување на судската постапка за неа.

Од судот велат дека доколку Јанкулоска не дојде на судење, за неа ќе биде активирана мерка – куќен притвор.

Инаку, за набавката на „мерцедесот“ вреден 600.000 евра, веќе се осудени поранешниот помошник министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски и екс-премиерот, Никола Груевски. Поповски беше осуден на шест години и шест месеци, а Никола Груевски, за поттикнување, доби две години затвор.