Жестоки реакции во полската јавност предизвика изјавата на челникот на владејачката партија Право и справедливост (PiS), Јарослав Качински, од саботата дека за нискиот наталитет е виновно тоа што жените пијат алкохол, пренесе во понеделникот германската новинска агенција DPA.
Левичарската опозиција во понеделникот најави дека ќе поднесе службена забелешка пред етичкиот комитет на Сејмот, односно полскиот парламент.
Просечната стапка на наталитетот во Полска во 2020 година била 1,4 дете по жена, во соседна Германија е 1,5 а во Франција 1,8 дете по жена.
„Кога девојките, младите жени, би пиеле како нивните врсници до 25 години, тогаш не би имало веќе деца“, изјави Качински кого го цитираше службената полска новинска агенција PAP>
Качински притоа додаде дека мажите, за да бидат сметани за алкохоличари, можат неумерено да пијат 20 а жените само две години.
Левичарскиот политичар Роберт Бједрон овие изјави ги нарече „срамни“, но подетално не ги критикуваше.
„Доста е! Ме лути кога гледам дека политичарите неосновано ги обвинуваат жените наместо да ги решаваат вистинските проблеми“, објави на Facebook, Ана Левандовска, сопругата на полската фудбалска ѕвезда Роберт Левандовски.
Фитнес инструкторката Ева Чодаквоска, една од најпознатите инфлуенсерки во Полска, оцени дека станува збор за „врв на омразата“ кон жените.