Kаде се крие лидерот на Хамас знаат не повеќе од три лица

Не повеќе од три лица знаат каде се крие лидерот на Хамас, Јахја Синвар, според весникот „Ашарк ал-Авсат“ што е со седиште во Саудиска Арабија. Според весникот, тоа не значи дека тој не може да комуницира со другите членови на неговата терористичка група.

Претставниците на Хамас рекоа дека Синвар е активен за сите прашања за кои се разговараше во преговорите за прекин на огнот во Газа и дека ја разгледувал и коментирал секоја покрената иницијатива. „Тој дури се консултира со лидерите на Хамас во странство на различни начини“.

Изворите за весникот не прецизирале дали Синвар имал директна комуникација со високи членови на Хамас. „Само два-тројца знаат каде е, му помагаат во комуникацијата со другите и ги обезбедуваат неговите потреби“, се вели во извештајот на „Ашарк Ал-Авсат“.

Официјалните претставници на Хамас не потврдија дали Синвар ги преживеал обидите за негово ликвидирање за време на војната и не кажаа дали силите на ИДФ се приближиле до неговото скривалиште. Тие исто така не открија дали се крие над или под земја. „Окупациските сили не можеа да ги најдат највисоките водачи на Хамас, но се обидоа да убијат некои од нив. Некои беа ранети, а други преживеаја неповредени“, рекоа тие.

Ова не е прв извештај во кој се тврди дека Синвар бил во комуникација со високи членови на Хамас. „Волстрит журнал“ објави дел од неговите комуникации минатиот месец, вклучувајќи пораки во кои се открива дека најверојатно бил изненаден од резултатите од масакрот на 7 октомври.
Пораките покажаа дека Синвар бил изненаден од суровоста на неговата терористичка сила и од злосторствата и грабежите извршени од жителите на Газа кои ги следеле терористите во Израел. „Работите излегоа од контрола“, напиша Синвар за бандите кои киднапираа жени и деца. „Луѓето се изгубија во ова и тоа не требаше да се случи.