Каевски: Претседател на државата треба да се бира на избори од сите граѓани

Владејачката СДСМ и натаму останува на ставот дека претседателот на државата треба да биде избран непосредно на општи избори, рече Дарко Кавески, пратеник и портпарол на владејачката партија, одговарајќи на новинарско прашање.

„Одговор на новинарско прашање: СДСМ јавно и јасно го кажа во многу наврати нашиот став дека кандидатот за претседател треба да се бира на непосредни избори и ова барање не е ништо ново, се слушаше и во изборите во 2019 и 2020 година, сметаме дека нема потреба да се назадуваме во демократијата. Важно е дека кандидатот на СДСМ ќе биде поддржан од сите етнички заедници и ќе биде поддржан од најголемиот дел на нашите граѓани и ќе биде победник на претседателските избори. Оттука не очекуваме дека ќе бидат бојкотирани претседателските избори од било која политичка партија и очекувам голема поддршка за канидатот на СДСМ“, рече Каевски.

Ставот на социјалдемократите, така, е спротивен од оној на коалицискиот партнер во власта Демократската унија за интеграција (ДУИ) шефот на државата да биде избран во Собранието  со двотретинско ткн Бандентерово мнозинство, што бара и уставни измени кои би се спровеле заедно со внесувањето на бугарската и низа други заедници во Уставот.

Од СДСМ во петокот преку соопштение информираа дека оваа идеја не е нова, туку дека станува збор за реафирмирање на барањето на ДУИ од 2019 година. Социјалдемократите посочуваат дека тоа тогаш не било прифатено од нивна страна и дека остануваат на ставот дека моделот на избор на претседател на државата не треба да се менува.

„Не треба да се оди назад во демократските процеси. СДСМ останува на ставот дека Претседателот на државата треба да го бираат граѓаните на директни, непосредни избори како врвно демократско право на граѓаните. Претседателот на државата треба да биде претставник не само на мнозинската волја на граѓаните туку и на сите граѓани, без разлика на нивната политичка, етничка или друга припадност. Претседателот на државата е човек кој е над партиските и над етничките определби, ги претставува сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи, сите. Само Претседател избран директно од страна на граѓаните има толку широк потенцијал, да може да делува во обединување на општественото, на граѓаните, на партиите и да придонесе за остварување на врвните стратешки и национални цели“, наведуваат од СДСМ.