Најголемиот светски синџир на кафетерии „Starbucks“ објави дека воведува линија на пијалоци со маслиново масло во Италија, јавува во средата BBC.
Извршниот директор Хауард Шулц вели дека „неочекуваниот, кадифен, путерест вкус…го подобри кафето и убаво се задржа на непцето“.
„Starbucks“ е меѓу главните американски компании кои се соочија со пречки додека се обидуваа да се прошират на италијанскиот пазар за храна и пијалоци. Италијанскиот пазар на кафе е познат по своите независни кафетерии, често управувани од семејства. „Starbucks“ моментално има околу дваесет кафулиња во Италија.
„Сега ќе има луѓе кои ќе кажат: Маслиново масло во кафето? Но доказот е во шолјата. За повеќе од 40 години, не можам да се сетам на момент кога сум бил повозбуден, поодушевен“, изјави Шулц на веб-страницата на компанијата.
Асортиманот под наслов „Oleato“, која ќе се продава во Италија во среда, вклучува ледено еспресо и бело кафе со маслиново масло и „пена од овесно млеко“.
Ќе има и „cold brew“ кафе (ладно подготвено кафе) во кое „свилена инфузија од екстра-девствено масло од „Partanna“ со пена од сладок крем од ванила… полека се истура низ пијалокот“.
Маслиновото масло е клучен дел од медитеранската исхрана. Нејзините здравствени придобивки може делумно да се припишат на мононезаситените масни киселини, кои содржат витамини и минерали, и полифенолите, микронутриенти добиени од растенијата.