Миленикот на најверните фанови на италијанскиот калчо гигант Милан, бразилскиот интернационалец Рикардо Кака, откри дека сака уште најмалку една сезона да го носи дресот на седумкратниот европски клупски шампион.
Искусниот играч за врска има договор со Милан до 2015 година, но во неговиот договор има и клаузула дека може да се замине од „Сан Сиро” за време на летниот преоден рок доколку неговиот тим не обезбеди пласман во групната фаза од Лигата на шампиони.
„Дали ќе останам во редовите на Милан? Да, да. Сакам да останам на “Сан Сиро” уште една сезона, но последниот збор ќе го имаат клупските челници. Се уште уживам во фудбалската игра. Имав психолошки проблем додека бев дел од Реал (М). Болката беше поголема од задоволството. Во Мадрид научив да имам верба, да верувам, да бидам трпелив. Резултатите беа неочекувани, морав да се носам со големиот притисок. Не бев навикнат на една таква ситуација”, изјави Кака.