
Деновиве по мејл ми пристигна писмен допис со реакција на загрижен родител, чие дете – ученик учи во предметна настава во општинско основно училиште „Лазо Ангеловски“ во Аеродром-Скопје, со барање за конкретни мерки и излез од врсничкото насилство (булинг) од соученици кои нејзиното дете го навредувале, го удирале, а содветните стручни служби и класната во училиштето не реагирале и по нивната писмена реакција. Па, родителите се принудени со писмен допис бр.08-234/1 од 19.05.2023 година да се обратат и до директорот на улилиштето Магдалена Петреска.
По ова, сега родителите излез бараат надвор од училиштето. Како случајот да биде решен?
Во прилог, во целост го приложувам писмениот допис и реакција на родителот (со заштита на личните податоци на родителот и детето-ученик), а со цел да реагираат и го разрешат проблемот надлежните општински органи за заштита на детето-ученикот и неговите родители. Воедно, надлежните државни органи надлежни за заштита на детскиот слободен раст и развој, како и државниот просветен инспекторат превземаат соодветни законски мерки согласно Законот за основно образование. Се во духот за НАЈДОБРИОТ ИНТЕРЕС НА ДЕТЕТО.
Па следи:
Почитувани,
„Ви се обраќам како загрижен родител на детето В.Т., ученик во VI3 одделение во вашето училиште. Бидејќи при личната средба со училишниот психолог на 03.05.2023 (среда) добив информација дека се до 1-ви јуни нема доволно време (поради презафатеност за упис на првачиња) да бидам примена и ислушана за проблемот со кој се соочува моето дете на училиште, а за кој сметам дека е многу сериозен и итно треба да биде разгледан, ви се обраќам во писмена форма.
Се работи за врсничко насилство (булинг) од сооучениците кон моето дете кое е незабележано од класниот раководител во текот на оваа учебна година 2022/2023. Пред се ќе напоменам дека досега не сме имале слични проблеми во истото училиште во сите претходни учебни години и децата беа сплотени и дружеа многу. Имаше едно буткање во петто одделение кое од претходниот класен раководител беше беспрекорно решено. Согласно сите ситуации со кои се соочивме ние како родители и нашето дете како ученик во вашето училиште во текот на ова шесто одделение сметаме дека се работи за недоволна стручност и непрофесионален однос од страна на класниот раководител, кој според нас нема капцитет да раководи со една паралелка. Од почетокот на шесто одделение детето се соочува со булинг од група соученици, а класниот раководител не умее да се справи и да ги насочува децата правилно, напротив како класен раководител шири омраза меѓу децата и наместо да ги сплотува, таа прави раздор помеѓу децата во одделението. Како родител сум многу сериозно загрижена за моето дете, но и за соучениците на моето дете.
Децата го навредувале, го буткале и го удирале, а класниот раководител не реагирал соодветно и навремено, иако се обратив уште на почетокот на учебната година, прашав и побарав да поразговара со децата. Имено, моето дете цела учебна година седи на последна клупа, а поради недостаток на столчиња детето морало секојдневно да оди да бара столче за да може да седи и да ги следи часовите. Не разбирам, зошто моето дете се испраќа да бара столче и доколку имате недостаток на столчиња јас како родител ќе му купам столче за да може да ја следи наставата. Столчињата ги шета дури по 2 спрата за да ги донесе во училницата во која му се потребни. Поради ова, децата почнале да се расправаат меѓусебно, а моето дете било навредувано и удирано од страна на другите деца кога ќе земело столче од друго дете за да не биде само тој да оди да бара столче од други училници. Бидејќи истото беше истовремено прекумерно навредувано, почна да се чувствува повредено, отфрлено и неприфатено во одделението. Класниот раководител не умеел да ги сплоти и да го увиди проблемот меѓу децата, па да создаде атмосфера во која децата ќе се чувствуваат сигурни и безбедни. На првото наше обраќање до класниот, мерката која беше превземена беше престрога и заканувачка против детенце кое почесто го удираше, буткаше и навредуваше моето дете. Јас не барав децата да бидат казнувани, јас барав од класниот да создаде пријатна и сигурна атмосфрера за децата да можат безгрижно да следат настава. Известени биле неговите родителите дека ќе биде дадено во стручна служба и ќе добие укор. Кога се обратив, барав од класниот раководител да поразговара и да им укаже на дечињата зошто не е убаво да се однесуваат така, но напротив немаше ниту разговор, ниту укажување на децата. Бидејќи ситуацијата и понатаму продолжи, барав повторна средба со класната. После подолго стрпливо чекање на средба со неа, која ми беше одложувана со најразлични оправданија, ситуацијата станува покомплексна откако моето дете поради болест оправдано со медицинска белешка отсуствуваше од училиште на 06 и 07 Април 2023 година (четврток и петок), а во истиот тој период класниот раководител му изрекува казна, како што таа рекла пред сите деца „два петоци не сум го видела В.Т. Да му кажете дека е казнет и дека ќе седи 2 недели само на место каде има отсутно детенце, а ако нема отсутно детенце да седи од страна на клупа во училници во кои нема доволно клупи за сите ученици или во последна клупа сам“. При неговото враќање во училиштето, во понеделник на 10.04.2023, му пришле група соученици при пристигнувањето и му рекле дека е казнет од класниот раководител и дека нема свое место и дека сите заедно со класната зборувале против него додека тој бил отсутен на класниот час во петокот 07.04.2023. Класната почнала да зборува против него и да ги поттикнувала децата смислено и намерно да зборуваат против моето дете. Причината била, според нејзините зборови, отсуството на В.Т. Според кажувањата на соучениците, го навредувала моето дете пред другите ученици нарекувајќи го „лошо дете“. Барам да ми одговорите каков е овој педагошки метод? Зарем ова не е булинг? Дали е соодветно да наставник врши булинг врз едно дете? Дали сметате дека било кое дете треба да трпи ваков однос од децата и од класниот раководител? Какви последици остава тоа на едно невино дете?
На родителската средба (10.04.2023) бевме накратко известени само дека моето дете само еднаш се бркало во ходникот од училиштето со друго детенце и дека користело недолични зборови во одредени ситуации со соучениците, а на прашањето кои се тие ситуации и дали бил испровоциран од некого, не добивме одговор.
Детето почнува да се жали и на чести опомени и скарувања упатени кон него од класниот раководител. Јас телефонски се обратив до неа да прашам за што се работи, а класната не ми даде конкретен одговор дали има проблем со моето дете. Итно побарав средба и изразив загриженост за задлабочувањето на проблемот и барав објаснување за да знам како да реагирам како родител, на што не добив никакви насоки. Истовремено ја прашав дали е педагог на што добив потврден одговор и замолив да ми помогне како педагог да го решиме проблемот за детето. Инсистирав да се видиме, но добив одговор дека во наредните две-три недели не можеме да се видиме и нема да може да го реши проблемот во тој период (два петоци беа празници па останува третата недела односно третиот петок кога таа има класен час со нив). Имено, морам да напоменам дека целата учебна година класната не ми дала можност, ниту информација да се видиме во нејзиното приемно време (секој петок на втори час) и не ме известила дека постои посебен приемен ден само кај неа, туку дека освен на родителските можеме да се видиме со неа и на отворените денови кои се секој последен четврток во месецот (денови во кои ние родителите можеме да се сретнеме со сите предметни наставници за да поразговараме за нашите деца).
На 18.04.2023 и пратив порака на класната со која инсистирам дека проблемот со моето дете не може да чека, на што ми одговари да дојдам на 19.04.2023 утредента во 13 часот за да разговараме. Додека разговаравме не наидов на разбирање за емотивноста на моето дете, напротив ми даде совет дека моето дете треба да се степа и да им врати на другите деца и да има храброст да ги сноси последиците да биде казнет. Понатаму, цитирам „да проба да успее да ја излаже и да му пројде тоа кај неа“. Истовремено, ми рече дека не е точно дека рекла дека е казнет и дека децата излажале и ми повтори дека не е во можност да го реши проблемот во наредните недели бидејќи не можела да ги види децата затоа што само еднаш во неделата имала час со нив. Како може да поставите класен раковдител кој не ги гледа децата и нема начин да следи што се случува со нив? Зарем е соодветно да родител се жали за своето дете и да добие одговор дека не ги гледала децата? Кому ние како родители се обраќаме и кому доверуваме да ни образува и воспитува деца?
Моето дете почна повеќе да се жали дека мора кога доаѓа на училиште да чека додека сите деца не дојдат и се сместат во клупите за да знае каде да седне. Го остави проблемот нерешен три недели. Децата продолжија да се расправаат за столчиња.
На 27.04.2023 четврток (што е последен четврток во месецот, а и приемен ден) добив повик од моето дете дека го истепале за столче и и се обратив на класната телефонски дека имаме проблем и дека поради тоа барав што побрзо да го реши, а не да чекаме три недели. По моето јавување, таа дошла во училиштето и ги задржала децата после последниот час, но наместо да поразговара и укаже, таа го искарала мојот син со зборовите: „Правиш драма В.Т. за едно столче. Јас да доаѓам од Драчево за ваква глупост и како си можел да се жалиш кај мајка ти за тоа што само една недела седиш каде некој е отсутен, а сооученичката твоја седи цела година така. (се работи за девојче кое исто така било казнето). Ако сакаш одма ќе те префрлам во друго одделение па да видиш дека таму е уште полошо“. Ова е метод на класен раководител (педагог)? Дали се ова соодветни казни? На кого да се пожали моето дете и со кого треба да поразговара ако не со својот родител? Детето мое ја трпело казната за отсуство три недели, а не една недела. Продолжила да го кара моето дете додека плачело и се бранело само, а сите деца биле против него и меѓусебно се бранеле и ја прикривале вистината (дека го закачале и удирале за столчето). Го преместила во втора клупа и им рекла на децата да му се извинат и дека ако некој го земе столчето негово, за казна ќе му носи уште едно. Ги терала децата да се колнат во мајка и фамилија за да добие одговор дали лажат. Како можете да дозволувате ваков кадар да уништува детска психа? Зарем е можно во основно училиште, класниот раководител да ги тера децата да се колнат со што би докажале дека ја зборуваат вистината? Зар немаме други методи? Сериозноста на проблемот не ја гледам во децата туку во несоодветниот пристап и нестручноста на класниот раководител.
Истиот ден, разговаравме јас и мојот сопруг со класната, веднаш после нејзината средба со децата. Класниот раководител, Т.К., ни кажа дека таа не требала да дојде на отворениот ден и дека само заради нашето дете морала да дојде од Драчево, на тој начин претставувајќи ни колкав е нејзиниот напор за да го реши проблемот. Понатаму, ни беше кажано дека немало тепање, само влечење на стол и дека нема никаков проблем, а и дека моето дете лажело. Ве молам да ми одговорите дали доколку јас удрам некого по рака или нога дали тоа ќе значи дека сум го тепала или дека се работи само за влечење? Понатаму, додека разговаравме ја прашав „дали е педагог?“. Добив одговор дека е педагог, но јас до денес не добив решение од истиот тој педагог, ниту пак добив впечаток дека навистина се работи за педагог. Во истиот разговор, класната не извести дека буквално сите предметни наставници се жалеле од нашето дете заради отсуства. Ви напоменувам дека отсуствата се оправдани со медицински белешки. Бидејќи В.Т. е одличен и примерен ученик и сето ова ми изгледаше сомнително, истиот ден отидов да разговарам со наставниците по Географија, Македонски, Математика и Германски. Замислете, ниту еден од наставниците не ми се пожали, туку напротив, само пофални зборови слушнав за моето дете. Ниту еден од наставниците не се пожали поради отсуствата, иако јас истите ги потенцирав, туку користеа само пофални зборови за моето дете.
И покрај тоа, инсистирав со класниот раководител да поразговара со децата, бидејќи моето дете е луто затоа што никој не му забележува на друго дете кога ќе земе стол од друг соученик наместо да оди да бара по другите училници, но кога моето дете го прави истото, повеќето деца агресивно му се однесуваат, вербално и физички. Јас повторно ја замолив класната да ми даде одговор на прашањето која е причината за ова погоре, на што таа одговори дека ќе направи напор ситуацијата да се надмине и дека ќе ме извести за тоа, но до денес немаме одговор или повик од класната.
Наместо да се реши ситуацијата, веќе уште наредниот ден 28.04.2023 (петок) на класниот час, класната Т.К. поделила празни ливчиња и им дала задача на сите деца во неговото одделение да напишат на ливче одговор на прашањето „Што имате против В.Т.?“. Што треба да се очекува од децата дека ќе напишат на ваков наслов? Зошто прашањето не било „Што ви се допаѓа кај В.Т.?“. Зар на овој начин класната смета дека ќе го надмине проблемот? Зар на овој начин ќе се создаде кохезија меѓу учениците во одделението? Па дали сте свесни дека на овој начин отворено го дискредитирате и омаловажувате моето дете? Дали некој ќе превземе одговорност за овие постапки? Дали сте свесни како делувал овој метод на моето дете и неговата детска психа? Зарем не можело да се поразговара со дечињата? Ако немала капацитет класната, дали не требала да се обрати до стручна служба? Моето дете седело и чекало исплашено и во неизвесност што децата ќе напишат против него, како на обвинителна клупа. Како образовна институција, како можете да дозволите да се случува вакво нешто? Ќе превземе ли некој одговорност за овие методи?
Откако се случило ова, мојот син со плачење одеше на училиште и велеше „Мамо мене класната не ме сака, не ми се оди на училиште“. Тогаш (03.05.2023), му се обратив на учлишниот психолог и барав итно да ја разгледа ситуацијата, да превземете нешто што побрзо за да може моето дете непречено да ја следи наставата. Меѓутоа, проблемот не се решава и се случува уште едно неприфатливо однесување на класниот раководител. Имено, во петокот (05.05.2023), на класен час се разговарало за случајот со детето во Белград и мојот син дојде дома видно натажен и расплакан бидејќи како што ме известува тој, класната му рекла дека тој е во иста ситуација како детето во Белград и барала од него да и одговори како требало да постапи детето од Белград. Моето дете ми рече: Мамо ме направија нешто што не сум! Рече дека се чувствувал дека таа го направила како да е ист со детето од Белград, а некои соученици поминувале покрај него и со смеење го молеле да не им направи ништо лошо на нив (ЗАМИСЛЕТЕ!). Во текот на разговорот кој го водела со децата, само едно девојче рекло дека, ако група деца се здружени и лажат дека не закачале друго дете наставничката ќе им верува нив, а не на детето кое било вистински закачано и ја кажувало вистината (Повторно замислете, дете од 12 години резонира подобро од класен раководител!). Само ова го потсмирило моето дете, бидејќи тој самиот се пронашол во овој исказ. Значи децата гледаат што се случува, но се исплашени од постапките и методите на класниот раководител. Децата ги следат насоките од наставникот, а родителите од дома дополнително ги советуваат децата да ја слушаат класната бидејќи се плашат од нејзините методи и постапки кои се крајно непрофесионални и неприкладни.
Дополнително на сето ова, синот на класниот раководител Т.К., кој е деветто одделение и учи во истото училиште, секоја среда на часот по физичко, го навредувал и малтретирал моето дете. Меѓу другото, принудувал друг соученик од одделението на моето дете да го удира и да му кажува недолични зборови, а и самиот тој го удирал по главата. Дополнително, во одреден ден, го бркал моето дете за да му го земе телефонот и да види со кого разговара додека моето дете разговараше со мене и нашиот разговор беше прекинат. Класичен булинг! Зарем на децата на вработените во вашето училиште им е дозволено да малтретираат други деца и користат недолични зборови? Зарем тие деца не треба да бидат пример за останатите деца во училиштето со оглед на тоа што имаат родители кои се педагози? Поради сето ова се сомневаме како родители дека класната (неговата мајка) му го дозволува ова на своето дете и дека не е објективна. Имате ли некаква одговорност како институција?
Ставете се на мое место и разберете ме. Како би постапиле вие? Се обраќам кај вас за вистинско решение, за доброто на сите деца.
Барам класната раководителка Т.К. да му се извини на моето дете В.Т. јавно пред целото одделение како и сите деца кои постапувале лошо под влијание на ваквата атмосфера. Не дозволувам моето дете да бара столче за да ја следи наставата. Не дозволувам моето дете да биде казнувано од страна на класниот раководител Т.К. бидејќи се сомневам во нејзината објективност и барам за се што моето дете ќе направи да добијам известување и јас да превземам се што е потребно за него. Не барам од вас да казнувате други деца бидејќи и тие не се виновни, единствено барам да се создаде нормална атмосфера за следење на наставата. Барам во најкраток можен рок (3-5 дена) проблемот со моето дете да биде решен и за тоа да бидам известена. Во спротивно, решение за проблемот ќе барам во повисоките институции.
Со почит,
м-р Х.Т. мајка на детето В.Т.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес