Со легализацијата на струмичката дивоградба „Глобал“ лидерот на опозициската СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев, практично го признава постоењето на делото за кое беше сомничен во 2008 година, а потоа и аболициран од тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Од спроведената легализација на бесправно изградениот објект „Глобал“, се гледа дека зад целата операција на легализирање на дивоградбата, формално, стојат фирмите ДЕ-ЛУКС ИНЖЕНЕРИНГ ДОО Струмица и СИМ ИНЖЕНЕРИНГ. Во решението за легализација на дивиот објект „Глобал“, потпишано од Заев, а издадено од општина Струмица, стои дека токму овие две фирми се јавуваат како баратели и подоцна носители на правото на сопственост.
Скандалозно е што зад овие две фирми стојат лица кои во јавноста директно се поврзуваа со кланот Заеви. Нивните фирми, се тие кои добиваат дел од други тендери, кои ги доделува или општината или нејзините претпријатија.
Имено сопственици на ДЕ-ЛУКС ИНЖЕНЕРИНГ се Бранко Стамболиски и Горан Крстев. Овие две лица, пак, се косопственици и во фирмата САРА ИНЖЕНЕРИНГ, каде сопственик со нив е и родениот брат на Зоран Заев, Вице Заев. Инаку, познато е дека според документите од Бирото за јавни набавки фирмата САРА ИНЖЕНЕРИНГ направила две зделки со Комуналец-Струмица, општинско претпријатие во надлежност на општината Струмица и Зоран Заев, во вкупна вредност од над 700.000 денари.
Сопственик на втората фирма, СИМ ИНЖЕНЕРИНГ, која стои во документацијата за легализација на „Глобал“ е повторно Горан Крстев. Инаку, Горан Крстев беше во средиштето на аферата каде се откри дека Зоран Заев токму на овој човек му продал земјиште по цена од едно евро за м2, а овој истото го препродал по 4 пати повисока цена. Исто така, Горан Крстев е и човекот за чија фирма беше објавено дека Петре Шилегов како Претседател на второстепената комисија за јавни набавки во Владата во времето на СДСМ ,одлучил голем тендер да добие токму неговата втора фирма ЈАВОР ШПЕД. Според упатените во случајот „Глобал“, тоа е школски пример како имот изграден на незаконски начин преоѓа во рацете на кланот кој управува со градот.
Аферата „Глобал“
Во 2008 година беше обелоденета аферата „Глобал“, по што полицијата го уапси градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, заедно со неколку негови блиски соработници. Приведувањето беше по претходно поднесена кривична пријава од страна на Одделот за Организиран криминал до Јавно Обвинителство-Одделение за кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „помагање“ во врска со истото дело.
Злоупотребата ја извршиле така што прво спровеле јавен тендер за избор на соинвеститор за градење на Трговски деловен центар на локација на поранешниот градски пазар во Струмица, спротивно на Законот за јавни набавки. Тие не ги регулирале имотно – правните односи на предметното земјиште, што е спротивно на Законот за градба и Законот за просторно и урбанистичко планирање. Земјиштето на кое е изграден трговскиот центар е во сопственост на Република Македонија, а корисници се повеќе правни и физички лица. Истовремено, пак, за земјиштето се во тек постапки за денационализација.
На осомничениот Крстев управител на ДЕ ЛУКС ИНЖЕНЕРИНГ ДОО Струмица -соинвеститор на општина Струмица, му било овозможено да го добие тендерот за градење на објектот, и со тоа да се стекне со имотна корист од околу 8 милиони евра. Оваа вредност е неколку пати помала од користа, која би се добила кога деловниот објект со површина од околу 38.162 метри квадратни, во целост би се продал по празарна вредност.
На 1 февруари 2006 година, првопријавениот Заев донел предлог одлука за Реконструкција и надградба на Градско пазараште во Струмица, по што на 7 февруари следната година, до Бирото за Јавни набавки бил доставен План за јавни набавки на општина Струмица за 2006 година и Дополнение на Планот за јавни набавки. Во документите свесно не било наведена планираната јавна набавка за Реконструкција и надградба на Градско пазараште во Струмица, затоа што согласно Законот за јавни набавки, Бирото за јавни набавки проверува дали доставениот план за јавни набавки е во согласност со законот, го следи и анализира спроведувањето на законите и другите прописи за јавни набавки. Советот на општината донел одлука за реконструкција и надградба на пазарот.
Коалицијата на невладини организации право и правна држава која во 2008-та година организираше протести поради аболицијата, а денеска излезе со соопштение во кое побара Заев да се извини откако го призна криминалот од 8 милиони евра.
Во прилог го објавуваме интегрално текстот од соопштениет:
Прво, коалицијата право и правна држава тогаш во 2008та и сега во 2014та година смета дека е крајно неморална, политички скандалозна и нелегитимна одлуката за аболиција за случај каде градоначалникот Зоран Заев се сомничи за криминал од 8.5 милиони евра. Ова е противправна и анти државна одлука која го подрива правниот поредок и владеењето на правото, се вели во соопштението.
Коалиција на НВО право и правна држава смета дека пораката од овој случај е дека секој кој било кога ќе дојде на било каква функција или позиција слободно, без законска задршка може буквално да украде или проневери 8 милиони евра и да биде спокоен и нечепнат од законот.
-Секој друг кој нема среќа за аболиција или било каква политичка поддршка како што беше во случајот на Заев, ќе мора и за далеку помала сума да одговара пред законот и да лежи во затвор. Трето и многу важно, фактот дека покренета е постапка и е финиширана легализација на објектот Глобал е признание дека самиот градоначалник Зоран Заев го извршил делото поради кое се сомничи и поради кое беше аболиран. Тоа значи дека градоначалникот признава дека свесно и незаконски дозволил градба на објект, велат од Коалицијата.
Во соопштението стои дека секој знае оти постапка за легализација единствено се спроведува на бесправно изграден објект. Самиот Заев признава дека за сите други мора да важат законите и правната држава, освен за него и неговите соработници,
-Четврто, тогаш ние како невладини организации спроведовме протести за заштита на правото и правната држава. Тогаш раководството на матичната СДСМ не прогласи за платеници, и одработувачи иако ние единствено баравме спроведување на законот. Сега кога се покажа дека и самиот Заев си го признава делото за кое е аболиран бараме извинување на раководството на СДСМ и Зоран Заев до нас и до целата јавност за дадените квалификации и лагите кои беа пласирани во јавноста. Зоран Заев откако го призна криминалот тежок 8 милиони евра, сега треба да се извини, потенцираат од Коалицијата на НВО право и правна држава.
Од таму повикуваат дека правните експерти и целата стручна јавност треба да отворат расправа за изнаоѓање на заштитен механизам од злоупотреба на правото на аболиција и осигурување утре да не се повтори некој нов Зоран Заев.