![mediumi_g_0](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2013/12/mediumi_g_0.jpg?resize=640%2C360&ssl=1)
Ќе го искористи ли холандската амбасада финансирањето на нови медиуми за да ги контролира и да ги наведува да работат според нејзините насоки и директиви и дали тоа е всушност независно новинарство?
Ова е прашањето кое се поставува имајќи ги предвид барањата на оваа амбасада во конкурсот распишан за доделување на финансии за помагање на нови медиуми во земјава.
Весникот „Дневник“ слично прашање до холандската амабасада постави уште при објавувањето на огласот за доделување на грант во висина до 150.000 евра пред околу два месеци.
„Со оглед на тоа што сте изградиле мислење за тоа дека во Македонија нема независни медиуми, а главно тоа се врзува за финансиите, објаснете ни како тие на кои ќе им бидат доделени парите ќе бидат независни од вас? Или дали парите ќе бидат доделени само на проекти и на лица за кои имате впечаток дека, на пример, ќе ја популаризираат геј-популацијата во Македонија и наводната нејзина загрозеност и тие што сметаат дека, на пример, вината за проблемот на РМ со Грција може да се бара еднакво и кај двете страни?“, напиша главниот и одговорен уредник на „Дневник“, Дарко Јаневски во текстот насловен „ Холандија со 150.000 евра ќе ни создава независно новинарство“.
Прашањето на „Дневник“ станува актуелно откако денеска весникот „Вечер“ објави дека наводно парите од грантовите се наменти само за медиуми блиски до опозицијата и до албанскиот политички блок.
„Ако не се блиски до опозицијата или до албанските партии во Македонија, холандската амбасада нема да поддржи ниеден проект во рамки на фондовите за развој на невладиниот сектор и независните медиуми’, пишува „Вечер“.
Весникот наведува дека амбасадатa уште пред објавувањето на огласот веќе избрала кому ќе му ги додели парите.
„Информациите говорат дека со 80.000 евра грант од Холандија ќе биде делумно финансирано отворањето на нов дневен весник близок до опозицијата и отворањето на четири нови портали чиишто основачи, исто така, се новинари и луѓе блиски до опозицијата. За намерата на холандската амбасада да работи против актуелната владејачка гарнитура и против Република Македонија говори и фактот дека еден од финансираните проекти е сајт на кој ќе се објавуваат податоците за сите медиуми во Република Македонија: кои се нивните основачи, колку пари вложиле, кои им се уредниците, колку новинари работат за нив, колку приходи и расходи оствариле во текот на годината и по кои основи и слично. На овој веб-проект работат поранешни новинари од кланот Рамковски.Сите овие податоци кои ќе ги објавува новиот портал се веќе достапни преку Централниот регистар и Управата за јавни приходи“, пишува весникот.
Според весникот, тоа значи дека амбсадата ќе финансира создавање паралелен систем во земјава наспроти државните институции “кои потоа би се користеле за намери и цели за потребите на опозицијата и странските амбасада пред центрите на одлучување во Брисел“.
И ако амбасадата требаше да ги објави одобрените проекти на 31-ви декември сепак тоа не се случи.