Како на Балканот ќе се дочека Новата Година?

Поголемите градови во земјите на Балканот последните недели традиционално се украсени пред претстојните новогодишни празници. Украсени се кафулињата, рестораните, хотелите, каде за прославата на новогодишните празници се очекуваат многу гости.

Сараево подготвено за најлудата ноќ

Така и во Сараево граѓаните се подготвуваат за дочекот на Новата 2015 година, а јавниот дочек ќе се организира во центарот на градот.

Сите Сараевчани кои Новата 2015 година ќе ја дочекаат на Плоштадот во центарот на градот, ќе присуствуваат на музичка програма која од 18 часот на отворено ќе понуди програма наменета за децата. Во 22 часот граѓаните ќе можат да уживаат во изведби на бх. музичари и групи. Целиот настан ќе биде надополнет со огномет кој ќе почне на полноќ со влезот во 2015 година.

Кај угостителската новогодишна понуда, еден од најголемите и најлуксузни хотели во центарот на Сараево за дочек на Новата 2015 година подготви две програми.

– Во една сала прославата за дочекот чини 150 КМ што вклучува резервација за место, вечера и шампањ на полноќ. Во другата резервацијата чини 60 КМ по лице и тука гостите ќе уживаат во жива музика од хотелската група – рекоа од овој хотел.

Во еден од познатите ресторани на Илиџа покрај Сараево, новогодишната резервација изнесува 60 КМ и во таа цена е пресметана вечера и резервација на места.

Локалните сараевски кафулиња, според новогодишните најави на излозите, нудат дочек на Новата година во своите простории и забава. Цените се движат од 20 до 35 КМ.

Бањалучани како Сараевчани Новата 2015 година ќе можат да ја дочекаат на Плоштадот Краина каде ќе има централна музичка манифестација. Граѓаните до полноќ ќе уживаат во изведби на музичари и бендови.

На полноќ ќе има огномет, а отворената манифестација на Плоштадот ќе трае до 1 часот по полноќ. Кај угостителската понуда на овој град, во еден од најголемите бањалучки хотели резервацијата за најлудата ноќ е 120 КМ по лице, додека во помалите хотели цената на резервацијата изнесува околу 80 КМ. Некои Бањалучани ќе уживаат во изведби на српски музичари додека некои ќе се веселат на тамбураши.

За разлика од граѓаните на Бања Лука и Сараево, Мостарците како ни претходната година нема да организираат јавен дочек на градскиот плоштад. За тие кои сепак ќе се одлучат Новата година да ја прослават во Мостар, рестораните, хотелите, па и ноќните клубови, традиционално ќе организираат дочек со музика во живо. Цените на резервациите за дочекот на Новата година во мостарските ресторани се движат од 25 па до 60 КМ.

Во Белград се очекуваат околу 100.000 посетители

Дочекот на Новата година во главниот град на Србија ќе се организира на три бини со разни музичари, а Белграѓани како и гостите на овој град кои оваа година се очекуваат околу 100.000, ќе можат да уживаат од 21 до 3 часот по полноќ.

Освен главната програма на бините кои ќе се наоѓаат на Плоштад на Републиката, платото пред Филозофскиот факултети, како и платото пред Народното собрание на Србија, од Собранието на Градот најавени се програмите за тие локации, а овогодишниот дочек Градот Белград нема да го чини над 8 милиони и 250.000 динари, што е за третина помалку од што беше издвојувано претходните години.

Во новогодишната ноќ на 31 декември, на бината пред Народното собрание ќе настапат Владо Георгиев, Емина Јаховиќ, Мира Шкориќ и Никола Роквиќ. На Плоштадот на Републиката програмата почнува од 21 часот, а ќе настапуваат Кики Лесандриќ, Неверне бебе, Сања Илиќ и Балканика, како и бендовите Алиса и Краљевски апартман.

На бината пред Филозофскиот факултет ќе настапат домашни диџеи, меѓу другите и Марко Настиќ, а за сите љубители на класична музика дочек ќе се организира во Сава центар. Оваа година, во Белград за прв пат ќе се организира и предновогодишен концерт, на 30 декември кога на Плоштад на Републиката ќе настапи Харис Џиновиќ.

Првиот ден од Новата година на 1 јануари во Светогорска улица традиционално ќе се организира Улица на отворено срце, каде најмладите Белграѓани со своите родители, ќе имаат можност да уживаат во богата програма.

Скромно украсување во Приштина

Од друга страна, многу граѓани на Приштина Новата година традиционално ќе ја дочекаат во кругот на семејството. Сепак, за тие кои сакаат дочек на отворено, општина Приштина организира концерт на централниот плоштад, како и огномет.

По рестораните и хотелите главно се прославува на 1 и 2 јануари. Во еден од луксузните хотели во центарот на Приштина, дочекот на Нова година се организира на 31 декември со групата Зиг Заг Оркестра, со Дрен Абази. Цената на дочекот за парови е 90 евра, а во понуда е и посебен пакет за парови од три ноќевања и вечера за дочекот, за 390 евра.

Во еден друг хотел на периферијата на Приштина, на 1 јануари ќе пее познатиот косовски пејач на народна музика Шкелзен Јетиши Џени. Тоа ќе чини 90 евра по лице.

Назмије Весели од Приштина вели дека Новата година ќе ја дочека во кругот на семејството со богата вечера.

– Втората ноќ обично ја поминуваме со друштво во некој од локалите во нашиот град, кој го резервираме и во кои пејат наши познати пејачи – вели таа.

За 31 декември предвидени се забавни активности за граѓаните од 14 до 19 часот, а потоа во 21 часот ќе почне голем концерт со кој ќе се дочека Новата 2015 година. Концертот ќе трае до 2 часот по полноќ, но сеуште не се познати имињата на уметниците кои ќе ги забавуваат граѓаните за дочекот. Општина Приштина за оваа година предвиде поскромно китење на крадот.

– Будва во центарот на вниманието за новогодишната ноќ во Црна Гора
Од другите земји во регионот, црногорската метропола на туризмот Будва, како и претходните години ќе биде во центар на вниманието за дочекот на Новата година. Традиционално, во Будва на градскиот плоштад со добра музика се прославува најлудата ноќ. Концертот на музичарот Данијел Алибабиќ, официјално ќе ја почне новогодишната програма. Како главни ѕвезди на вечерта, еден час пред полноќ, пред будванската публика ќе се појават легендите на ЈУ сцената Горан Бреговиќ и Ален Исламовиќ. Тие ќе одржат концерт наречен 40 години на Бијело дугме.

На плоштадот во Будва ќе биде интересно и возбудливо и во првите денови на 2015 година. Во четврток на 1 јануари 2015 година, за 14 часот е најавен свечен попладневен концерт на класична музика, во изведба на Медитеранскиот ривиерски оркестар. Во вечерната програма ќе настапат Милена Вучиќ и Тони Цетински. Вториот ден од Новата година во 14 часот ќе се одигра детската претстава Две новогодишни елки и Ниггор. Добра музика ќе има во вечерните часови. Најавени се концерти на Нина Жижиќ и групата Црвено и Црно, а во 23 часот концерт ќе одржи Парни ваљак.

Освен на плоштадот, дочек на Новата година ќе се организира и во многу хотели во Будва, ресторани и дискотеки, каде ќе гостуваат најголемите музички ѕвезди од Балканот. Дочекот на Новата година на отворено ќе биде организиран и во Херцег Нови. Во главниот град на Црна Гора, Подгорица, со години нема организиран дочек на Нова година.

Многу содржини во Хрватска

Во Хрватска состојбата е поинаква бидејќи загрепскиот центар за дочекот на оваа Нова година ќе биде место на кое со богата и разновидна музичка, уметничка и гастрономска програма на отворени локации ќе се соберат 50.000 луѓе. Инаку, декември е месец кога во Загреб доаѓаат најмногу гости од Италија, БиХ и Словенија.

Место со најмногу посетители и оваа година ќе биде Плоштад бан Јелачиќ на кој новогодишната програма ќе почне во 21 часот и ќе трае до утрински часови. Публиката ќе ја забавуваат популарни домашни поп рок музичари, а точно на полноќ на Плоштадот ќе има новогодишен огномет. Најавени музичари на централниот плоштад се Телефон Блуз Бенд, Давор Гобац, Борис Леинер, Ренато Метеси, Јура Стублиќ и Филм, а програмата ќе заврши со настапот на Јурица Паѓена и групата Аеродром.

Веднаш до Плоштадот во ул. Томиќева кај познатите скали, на отворено со многу шанкови ќе има и музичка програма, ќе се соберат многу луѓе. Оваа година првпат дочекот ќе биде отворен и на Европскиот плоштад каде на посетителите до 1 часот по полноќ ќе им се понуди богата гастрономска и музичка програма.

Овогодишна посебност е дочекот на Новата година во затворен простор на Бочарскиот дом со електронска музика и настап на неколку светски познати ДЏеј имиња. Влезот во Бочарски дом, каде ќе има забава на два спрата, ќе чини околу 30 евра, а ќе настапат Томас Голд, Марк Најт и уште 20 домашни и странски мајстори на електронската музика.

За целокупната програма за Адвентот и централниот дочек на Новата година на Плоштад бан Јелачиќ, Туристичката заедница на Градот Загреб ТЗГЗ, издвои 500.000 куни (66.000 евра).

Скопје во празнично руво

Македонскиот главен град Скопје е во празнично руво пред претстојните новогодишни празници. Продавниците, угостителските објекти, зградите и многу локации во градот се накитени со празнични украси и сијалички, а на улиците и плоштадите веќе има голем број на граѓани и туристи.

Тие кои Новата година ќе ја дочекаат во Скопје за резервации за место во скопските ресторани мора да издвојат од 40 до 50 евра, додека во кафулињата и клубовите резервацијата чини околу 20 евра.

Централниот дочек на Новата година во Скопје, поради градежните работи на Плоштад Македонија, ќе се одржи кај блиската Триумфална Капија. Градот Скопје и оваа година организира јавен дочек на Новата година, а собраните пред Триумфалната Капија ќе ги забавуваат многу музичари, меѓу кои и Елена Ристевска, Даниел Кајмаковски, Наум Петревски, Есма Реџепова и Мустафа Имери. Програмата треба да почне во 21 часот, а точно на полноќ е најавен и традиционален огномет.