Како Џо Бајден стана милионер

Џо Бајден, избраниот претседател на САД, има богатство вредно 9 милиони долари, покажуваат проценките на списанието „Форбс“.

На почетокот на претседателската кампања годинава, Бајден ја претстави финансиската состојба за 2016, 2017 и 2018 година, а врз основа на тој извештај, „Форбс“ го процени неговото богатство на 9 милиони долари.

Американските медиуми наведуваат дека со победа на изборите, неговото богатство сигурно ќе биде зголемено.

Како што напредувал во својата кариера од крајот на 90-тите, приходот на Бајден се зголемил од 42.500 на 174.000 доалри, според архивските податоци на Сенатот, чиј член бил тој многу години.

Кога беше избран за потпретседател на Барак Обама, позиција што ја извршуваше осум години, доби дополнително зголемување и почна да заработува околу 230.000 долари годишно, додека како претседател на САД, ќе заработува 400.000 долари годишно.

Бајден и неговата сопруга Џlил почнаа да заработуваат сериозни пари дури кога тој ја напушти функцијата во 2017 година.

Кога Бајден ги објави финансиските извештаи во јули 2019 година, се виде дека тој и Џил заработиле повеќе од 15 милиони долари во текот на 2017 и 2018 година.

Најголем дел од тие пари доаѓаат од договори за повеќе книги со „Flatiron Books“, кои се проценуваат на 8 милиони долари, но сопружниците Бајден заработија многу пари држејќи говори во различни ситуации и на разни настани.

Интернет-страницата „Таун енд кантри“, која се повикува на „Форбс“, пишува дека неговите две куќи во Вилмингтон, во државата Делавер, вредат четири милиони долари, дека има уште многу пари и инвестиции, како и дека има околу милион долари од државната пензија.