Летово што изминува дефинитивно го одбележува аферата „Рекет“ во која Боки Тредичи го инволвирал целокупниот партиски и државен врв на власта во најголемиот корупциски скандал во историјата на Македонија. Иако од самиот старт беше јасно дека Боки негувал блиски контакти и со Оливер Спасовски, сепак,. министерот за внатрешни работи Спасовски успева вешто да се скрие од налетот најпрвин на Героски, а понатаму и од останатите медиумски разоткривања.
Но, за волја на вистината, Спасовски е меѓу првите министри кој го прима Боки Тредичи во просториите на МВР на 21 јуни 2017, неполн месец откако е формирана новата Влада. Од она што може да се види од медиумските известувања е дека “целта на оваа средба била да се изнајдат начини како да се создадат услови за подобра и поквалитетна имплементација на програмата на меѓународниот сојуз која е тесно поврзана со делувањата на МВР”.
Спасовски и Тредичи ќе се сретнат уште најмалку трипати и тоа при гостување во 1ТВ како и на годишнината на 1ТВ каде Спасовски е почесен гостин на вечерта на Тредичи.
Во снимките за Рекет може да се заклучи дека Боки е прилично и детално упатен во процесните дејствија на предметите на СЈО, знае за активностите на финансиското разузнавање како и за следните чекори на судските органи.
Истовремено, Боки во јавноста беше актуелен и со нападот на соседот за баналната расправија за паркинг за кој полицијата не постапува 2 години како и за обвинувањата за уцени со службени документи на истражните органи врз бизнисменот Зоран Азманов.
Речиси незабелжливо во јавноста помина фактот што на основачкото собрание на Меѓународниот сојуз беше присутен вториот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Јовче Ременски, сопруг на почесната претседателка на невладината на Боки, а воедно и потпретседател на македонското Собрание и досегашен потпретседател на СДСМ, Фросина Ременски. Отворените сомнежи за улогата на Фрики во текстовите на Героски беа дека заедно со Кики како високи функционери на СДСМ му го трасирале патот за рекетот на Боки Тредичи.
Оливер Спасовски овде премолчено оставил Ременски да делуваат во полза на Тредичи преку моќта на информациите со кои располага МВР и УБК бидејќи неговата партиска колешка Фросина Ременски отворено го нападна Спасовски при носењето на новиот закон за АНБ со десетици амандмани кои не и беа прифатени. За дел од доброупатените вработени во МВР ова беше своевидно тактичко маневрирање на двајцата, Спасовски да го добие законот каков што го предложи МВР, а Фросина да продолжи да биде логистика на Тредичи, а кон Заев да биде испорачано своеводно примирије меѓу нив со цел Заев да продолжи да си ја тера приказната со Катица Јанева и прогонот врз неистомислениците.
Вториот човек од „доверба” на Тредичи во МВР е командантот на „Алфите“, Примислав Димовски. Нивното пријателство датира од скопскиот ноќен живот, но брзо се развива во своевидно неформално заштитништво од страна на целокупната единица „Алфа“ за Боки Тредичи, особено кога Боки е низ скопските кафеани на Кејот.
Како за Ременски, така и за Димовски, Оливер свесно остава Боки да одржува длабоки врски со оперативниот менаџмент на полицијата и УБК сѐ со цел Заев и Јанева да го тераат планот со кој планираа ефикасно да владеат со цела држава.
Дополнителен придонес на Спасовски во „задушувањето” на истражните дејствија за „Рекет“ е и извонредно бавното форензичко вештачење на телефоните на Јанева од страна на МВР. Делува просто запрепастувачки како во еден ваков случај, за Секторот за компјутерски криминал поприоритетни беа за процесирање фејсбук заканите кон Заев, а не вештачењето на телефоните на Јанева, за кои Рускоска тврдеше дека биле “форматирани”. Спасовски лично даваше наредби и ургенции за итно вештачење на телефоните на обвинетите за 27 април, а за „Рекет“ нема никаква реакција. Дополнително, апелите на информатичарите за модернизација на опремата за вештачење која и онака во најголем дел е донирана во време на претходни министри, не стигаа до Оливер Спасовски.
Иако засега се чувствува комотно, Спасовски веројатно не е свесен дека постои своевиден феномен помеѓу чесните вработени во безбедносните и истражните институции кој се појави после објавувањето на случјот „Рекет“. Овие вработени на кои Заев не им значи ама баш ништо, за сите информации од истрагата по кои нивните претпоставени министри, директори и обвинители не сакаа да постапуваат, ги известуваа претставниците на најмоќните амбасади во Скопје за „убивањето” на истрагата токму од Заев и неговите соработници. Токму затоа Рекет одекна и одекнува толку моќно во странство. Намерите на Заев да создаде нова заробена држава ги уништија токму оние кои тој проба да ги зароби со своето “блескаво однесување”.