РЕК Битола ќе плати над 9 милиони евра за специјализирана работна рака која треба да работи на ремонтни активности на трите блока во најголемиот производител на струја во Македонија. Најблаго речено „боде очи“ фактот што раководството на РЕК во заминување во само три дена склучи дури 25 договори по тендери и сите тие се за работна рака потребна за ремонти. А вкупно за период од 10 работни дена раководството склучи договори за вкупно 51 тендер. И од РЕК да е многу е! Особено затоа што историските податоци покажуваат дека ремонтите на постројките се прават во лето, но никогаш не почнуваат сите активности во август…
Раководството во заминување на РЕК Битола, најголемиот производител на струја во Македонија, склучи 30 договори за ремонтни активности на постројките на комбинатот за помалку од една недела, покажуваат официјалните објавени податоци допстапни во целост на линкот подолу.
Уште пофасцинантен е податокот дека за период од две седмици (16 до 29 јули годинава) раководството на РЕК Битола склучило вкупно 51 тендер во вкупна вредност што надминува 10 милиони евра.
Најголем број од тендерите се за услуги поточно за ремонтни активности или најточно кажано за ангажман на специјализирана работна рака. Значи бизнис бомбона што би рекле нашите политичари. Небаре РЕК Битола, компанија со повеќе од 2.000 вработени нема соодветна стручна работна рака за дел од тие активности кои се бараат со овие четириесетина тендери, објавува поталот „Фактор“.
И уште еден детал од тендерите за ремонтни активности отвара простор за дилеми. А тоа е периодот во кој се вршат ремонтите. Точно е дека редовните ремонти на трите блока во РЕК секогаш се вршеле во лето. Но летото е поширок термин од август. Ремонтите во РЕК знаеле да почнат и на почеток на јуни и да траат до крај на септември за блоковите да бидат спремни за претстојната зима што значи грејна сезона и што значи зголемен конзум за електрична енергија. Но технички не е изводливо сите 40 тендери за ремонтни активности да се вршат во еден или два месеци. Затоа што технологијата на процесот за производство на струја не го дозволува тоа.
Најголем добитник е битолската „Марковски компани“. Од сите 30 тендери за ремонти тие добија шест набавки во вкупна вредност од 6 милиони евра.
Скопски ЕЛ-ТЕ доби пет тендери во вкупна вредност од 1,34 милиони евра, а скопската компанија Спектар Термо доби само еден тендер во вредност од 1,6 милиони евра.
Битолски „Монтинг“ доби три тендери во вредност од 1,52 милиони евра. Два тендери доби компанијата „ЈУ СМ“ од Брвеница во вредност од 0,9 милиони евра.
Добитници на тендери во РЕК се уште десетина домашни компании.
Деталите за сите 50 договори за ремонтни активности – услуга за специјализирана работна рака погледнете ги на следниот линк.