Како се случило оперативци на АНБ да прават рекет, а државата да ги штити?

Огромен скандал е што наместо Агенцијата за национална безбедност(АНБ) да биде место за справување со криминалот, заштита на суверенитетот, уставното уредување, правата и слободи на човекот, таа е средиште за правење на криминал, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму истакнуваат дека членови на Агенцијата со луѓе од подземјето правеле криминал, монтирале случаи и пишувале белешки.

Аферата Рекет на Катица Јанева се заменува со нова афера, овој пат институционализирана од Виктор Димовски од СДСМ, посочуваат од опозициската партија.

– Ете тоа се случува кога партијата на власт станува држава! Во која друга европска држава, држава во ЕУ, луѓето коишто треба да се грижат за националната безбедност, тие ја поткопуваат? Како се случило оперативци на АНБ да прават рекет, а притоа државата да ги штити истите? Ова е компромитирање на севкупниот систем за национална безбедност. Ова ли е новото лице на СДСМ – прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата запрашаа и зошто денеска обвинителството не го сослушува Виктор Димовски, директорот на АНБ?

– Каква е неговата улога во рекетот, каква е неговата одговорност и зошто се крие од јавноста? Почитувани, Македонија тоне од скандал во скандал, сиот систем е ставен во рацете на криминалот- од издавање на пасоши за белосветски криминалци, преку организирање таен транспорт на странски гонети политичари, до рекетирање на бизнисмени и што ли уште не. Во исто време, Македонија тоне во економска криза, енергетска криза, здравствена криза, како и криза во секој сегмент на работата на оваа трула криминогена власт – велат од ВМРО-ДПМНЕ.