Скопјанецот Никола Велков со години мака мачи да ја истера правдината на виделина, во врска со комшиска караница во која како што тврди бил брутално претепан, од соседот и неговиот син. Но, освен што изел ќотек и бил навредуван, судот сепак пресудил во корист на како што вели насилниците. Неговиот адвокат пак, тврди за низа пропусти и нелогичности во постапките на полицијата, обвинителството и судот.
На втори октомври пред 4 години пред зградата, на „Илинденска“ каде живее Никола од зад грб бил нападнат од страна на соседот и неговиот син, причина било кучето кое го шетал. Соседот сметал дека негова своина е паркот пред зградата, па прошетката на домашниот миленик, била причина за нападот, раскажува неговиот адвокат.
„Во полициска станица Карпош, отишол пријавил, кажал што се случило исто така своите наводи ги поткрепил со соодветна документација. Подоцна обвинителството донело решение со кое што ја отфрлило кривичната пријава од причини поради кои сметало дека не е извршено опишаното кривично дело „насилство“, туку се работи за лесна „телесна повреда“ вели Мартин Петров адвокат на Велков.
Обвинителството не видело, насилство во пријавата на Никола, но кога случајот бил пријавен и од страна на соседот, обвинителство покренало постапка, токму за истото дело. Кривичниот суд во Скопје го осудил, Никола без да го сослуша, за нелогичноста да биде уште поголема, пресудата за три месечна условна затворска казна, ја донел врз основа на единствен доказ – записник, што бил направен 5 дена пред да се случи нападот. И не само тоа за овој случај во кривичниот суд се водат 4 различни постапки- 2 прекршочни и 2 кривични.
„Во конкретниот случај се работи за настан кој се случил на исто место,во ист час, ден а се водат 4 одделни постапки. Во ера на дигитализација кога податоците може многу лесно да се проверат, имаме ситуација во која што е создаден мултиплициран случај“, вели адвокатот Петров.
На Велков единствено му преостанува да чека, како ќе постапи судот по поднесените жалби, се надева дека нема уште долго да биде во правниот лавиринт и правдината конечно ќе биде на негова страна.