Од последниот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Република Македонија од 8.11.2023 година, во Поглавјето 15, кое се однесува на Енергетиката е наведено: „Земјата е умерено подготвена во делот на енергетиката. Постигнат е одреден напредок во регионалните гасни интерконектори и на обновливата енергија, со инвестиции во соларна енергија. Како што покажа енергетската криза, државата треба да ја забрза транзиција кон зелена енергија и намалување на нејзината зависност од гас и јаглен“. Понатаму во извештајот на ЕК се наведува: „Бидејќи минатогодишните препораки не беа целосно имплементирани, во наредната година земјата, меѓу другото, треба да спроведе особено усвојување и спроведување на законодавството за имплементација на енергетската ефикасност“. Односно: „Земјата да донесе подзаконски акти согласно на Законот за енергетска ефикасност (ЗЕЕ) и операционализација на Фондот за енергетска ефикасност; да донесе Закон за биогорива и Стратегија за енергетски ефикасно реновирање на зградите како и воспоставување на шема за гаранција на потекло од обновливите извори на енергија“.
Логична е ваквата константација на ЕК ако се земе во предвид дека со постојниот Закон за енергетска ефикасност (Службен весник на РМ бр.32 од 2020 година) се предвидува донесување на следните подзаконски акти од страна на надлежните државни институции со временски рок на нивно донесување кој е одамна надминат:
Владата донесува:
1) Уредба со која се усвојуваат целите за енергетска ефикасност, најдоцна во рок од 3 месеци;
2) НАПЕЕ за период од три години, најдоцна до 30 јуни 2020 година;
3) Планот за реконструкција на згради за лицата од јавниот сектор на државно ниво во рок од 6 месеци;
4) Уредба со која се утврдува ОШЕЕ во рок од 6 месеци;
5) Уредба со која подетално се уредуваат договорите за енергетски услуги, во рок од 6 месеци;
6) Стратегија за реконструкција на згради за домување, јавни и комерцијални згради, најдоцна во рок од 2 години;
7) Уредба со која се пропишуваат постапките, генеричките и специфичните барања за еко дизајнот, внатрешната контрола и системите за оцена на сообразност, поблиските барања кои треба да ги исполнат трговците, снабдувачите и увозниците на производи што користат енергија во врска со еко дизајнот, како и динамиката и роковите за примената на барањата за еко дизајн на производите што користат енергија, најдоцна во рок од 6 месеци .
Министерот за економија донесува:
1) Правилник со кој детално се пропишува содржината и формата на програмите за енергетска ефикасност кои ги донесуваат единиците на локалната самоуправа, начинот на изработка, содржината и формата на годишниот план кои ги донесуваат единиците на локалната самоуправа, во рок од 6 месеци;
2) Правилник за информациски систем за следење и управување со потрошувачката на енергија кај лицата од јавниот сектор, во рок од 90 дена;
3) Правилник за МВП, во рок од 6 месеци;
4) Правилник за најниските прифатливи класи на ЕЕ на производите, во рок од шест месеци;
5) Правилник за енергетска контрола на големите трговци, во рок од 6 месеци;
6) Тарифник во врска со енергетските контроли на големи трговци, во рок од 6 месеци;
7) Тарифник во врска со енергетските контроли на згради, во рок од 90 дена;
8) Правилник со кој се уредуваат содржината и начинот на изработка на анализата на трошоците и придобивките, како и на проверка на исполнетост на исклучоците, во рок 1 година;
9) Правилник за ВЕКП, во рок од 90 дена;
10) Правилник за енергетски карактеристики на зградите, во рок од 6 месеци;
11) План за зголемување на бројот на згради со приближно нулта потрошувачка на енергија, во рок од 1 година;
12) Правилник за енергетска контрола на згради, во рок од 6 месеци;
13) Правилник со кој подетално се уредуваат постапките за воспоставување и функционирање на системот за верификација, како и начинот на водење на регистарот на сертификатите за енергетски карактеристики на зградите, во рок од 6 месеци и
14) Правилник за означување на потрошувачката на енергија и другите ресурси за производите што користат енергија, во рок од 6 месеци.
Агенцијата за енергетика донесува:
1) Програма за обука и усовршување на енергетски контролори на големите трговци, најдоцна до 31 октомври во тековната година за наредниот период од најмногу три години;
2) Програма за обука и усовршување на енергетски контролори на згради, најдоцна до 31 октомври во тековната година за наредниот период од најмногу три години;
3) Агенцијата подготвува и објавува Упатство со кое меѓу другото дава насоки и инструкции во врска со договорите на енергетските услуги, постапките и документите за приготвување и започнување на постапка за избор на ЕСКО од страна на лицата од јавниот сектор, а особено од страна на единиците на локалната самоуправа, во рок од 9 месеци од денот на влегувањето во сила на законот.
Во меѓувреме во собраниска процедура е постапка за усвојувањето на измена и дополна на Законот за EE, при што во образложението за потребата од неговото донесување е наведено:
„Досегашната имплементација на Законот за EE даде ограничени резултати со оглед на некомплетирањето на подзаконските акти чие донесување произлезе од него. Таа укажа дека се потребни промени во одредени законски решенија со цел да се одговори на новите потреби и развојни трендови во глобалниот и домашниот енергетски сектор“. Односно: „се отежна развојот на пазарот на ЕЕ и соодветната имплементација на политиките во оваа област“.
Искрено кажано, нема никакава морална тежина образложението на предлагачот на законот дека претходниот закон имал „ограничени резултати“ односно „неколку клучни подзаконски акти не биле донесени“, во услови кога од горенаведеното множество на подзаконски акти после изминати 4 години, практично ништо капитално не е донесено од страна на државата.
Во меѓувреме државните институции со буџетски пари промовираа програми за потикнувањеува на ЕЕ кај домаќинствата, без притоа да бидат запазени минималните барања за енергетски карактеристики на зградите кои се пропишани со правилник, ниту пак беа предвидени соодветни препознатливи индикатори и алатки за евалуација, мониторинг и верификација на ефективноста на ваквите иницијативи од аспект на постигнатите заштеди на енергија која е суштинска компонента при превземањето на било која мерка за потикнување на ЕЕ.
Сето тоа е евидентирано и во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за ревизија на успешноста на тема: „Подготвеноста на енергетскиот систем да се справи со енергетска криза“, од 22.06.2023 година каде што во делот за ЕЕ е наведено: „Со извршената ревизија утврдивме дека и покрај тоа што софтверската алатка – МВП е изработена уште во 2016 година, а од 2020 година е утврдена и законска обврска за нејзино воспоставување, сепак истата сеуште не е ставена во употреба. Не е донесен ниту Правилник за МВП, со кој поблиску треба да се уреди начинот на нејзино фунционирање, иако законскиот рок за негово донесување е изминат, односно истиот требало да биде донесен до месец август 2020 година“.
Со еден збор Министерството за економија надлежно за спроведување на политиките во делот на ЕЕ трошеше бесполезно време во форсирање на чисто популистички програми, наместо својот фокус да го ставеше на спроведување на потребните енергетски реформи во делот на ЕЕ.
Целиот денешен развиен пазар за ЕЕ, почива на постулатите од стариот Закон за енергетика („Службен весник на РМ“ бр.16/11, 136/11, 79/13, 164/13, 41/14, 151/14, 33/15, 192/15, 215/15, 6/16, 53/16 и 189/16) кој што беше изготвен во далечната 2011 година во периодот кога надлежните институции за ЕЕ како МЕ (Секторот за енергетика) и АЕ располагаа со стручни инженерски кадри етаблирани на раководните позиции, но и во останатите хиерархиски нивоа на внатрешната систематизација (над 50% од вработените беа инженерски кадри). Дел од тие раководни лица денеска се ангажирани како надворешни експерти за ЕЕ во рамки на Комитетот за одржлива енергија – Групата на експерти за енергетска ефикасност на Обединетите Нации УНЕЦЕ.
При тоа во тој временски период навремено беа изработени капитални подзаконски акти кои ден денеска сеуште се во примена во државата и тоа:
– Неколку Акциони планови за енергетска ефикасност;
– Правилник за енергетска контрола;
– Правилник за енергетски карактеристики на зградите;
– Програма за обука и полагање испити за енергетските контролори ;
– Програма за усовршување на енергетски контролори;
– Програма за полагање на стручен испит за енергетски контролор;
– Правилник за максималната висина на надоместокот за издавање на потврда со која се потврдува дека минималните барања за енергетска ефикасност кои се содржани во основниот проект се во согласност со минималните барања за енергетска ефикасност како и за максималната висина на надоместокот за издавање на сертификат за енергетските карактеристики на зграда;
– Тарифник за максималната цена за реализирање на енергетски контроли;
– Правилник за означување на потрошувачката на енергија и други ресурси на производи што користат енергија и
– Уредбатa за еко дизајн.
Морам да нагласам дека сиот тој период беше пионерски за државата од аспект на ЕЕ, кога се произведоа првите енергетски контролори, се воспостави пазарот за енергетски услуги, енергетско означување и се наметна обврската на градежните компании да градат нови енергетски ефикасни згради.
Денес, евидентно, својата техничката некомпетентност надлежните институции – Министерството за економија и Агенцијата за енергетика ја покриваат на еден хегелистички начин по пат на ангажирање на „outsoursing“, кој како концепт е одамна напуштен во европската пракса поради неговата очигледна неодржливост.
Имено во сиот тој временски период беше обезбедена бројна техничка помош и соработка во делот на ЕЕ од страна на странски донатори како што се ЕБОР, ГиЗ, ЕК, Светска Банка, КфВ Банка, УНИДО, УНОПС, УСАИД, ХАБИТАТ и др. Сепак сета оваа екстровертност и синергија од странска техничка помош на крај не се канализираше во една успешна приказна наречена навремена имплементација на легислативата во делот на ЕЕ во државата. Тоа е посочено и во извештаите на Енергетската заедница каде во однос на имплементацијата на обврските кои произлегуваат од Стратегијата за реновирање на зградите, Република Македонија ја вброи во државите кои се на последното место во регионот (https://www.energy-community.org/dam/jcr:d6e80d5e-9290-4e8b-ac7e-5170ec59808a/EnC%20Tracker%2006_2023_final.pdf).
За жал агонијата со спроведување на реформите во делот на ЕЕ нема да се заврши со заокружување на процесот на транспонирање на секундарната легислатива. Имено сиот овој создаден потенцијал на крај треба некој и навремено да го спроведе, а искрено институциите надлежни за спроведување на политиките во делот на ЕЕ – Секторот за енергетика при МЕ и Агенцијата за енергeтика го немаат потребниот капацитет за таа намена. Во моментов Секторот за енергетика нема ниту еден вработен инженер во одделението за ЕЕ, а во Агенцијата за енергетика има вработено само еден инженер. Имајќи во предвид дека проблематиката која ја тангираат голем дел од горенаведените правилници е од чисто техничка природа, со сигурност треба да се очекува и понатамошен застој при нивната имплементација. Дополнително и новата законската регулатива за операционализација на Фондот за ЕЕ предвидува формирање на Комитет за управување со фондот кој меѓудругото треба да биде составен од стручни членови на горенаведените институции кои по вокација треба да имаат завршено високо образование од областа на техничките науки – електротехника, машинство или градежништво.
Задоцнета имплементација на законодавството во делот на ЕЕ која настана како резултат на нефункционалната и неефикасна државата администрација, негативно се одрази на животниот стандард во македонското општеството!
Имено со последниот Закон за изменување и дополнување на Законот за ЕЕ (Службен весник на РМ бр. 236 од 2022 година) сите важечки лиценци (53), односно овластувања (145) за вршење на енергетски контроли издадени со преодниот режим утврден во Законот за ЕЕ, престанаа да важат на 31 март 2024 година.
Со истекот на правната важност на горенаведените исправи издадени во согласност со постојната законска легислатива целосно се блокира пазарот за вршење на енергетските услуги во државата, а не остана поштеден ниту градежниот сектор имајќи во предвид дека елаборатот за енергетска ефикасност е еден од задолжителните документи во процесот на издавање на одобрението за градба од страна на надлежните институции во државата.
Автор: дипл.маш.инж Горан Николовски, експерт за гас, ЕУРЕМ и УНИДО европски енергетски менаџер за НетПрес