Калас: ЕУ треба да ги ублажи санкциите по „позитивните чекори“ на сириските власти

Европската унија треба да ги ублажи санкциите кон Сирија доколку новото водство на земјата преземе „позитивни чекори“ за формирање инклузивна влада која ги почитува правата на жените и малцинствата, рече еврокомесарката за надворешни работи, Каја Калас.

„Многу министри за надворешни работи на ЕУ, исто така, изјавија во понеделникот во Брисел дека Сирија треба да се ослободи од руското влијание, како што се воените бази во земјата“, изјави Калас за новинарите.

Калас рече дека испратила висок дипломат да се сретне со претставници на Хајат Тахрир ал-Шам (HTS), џихадистичка групација поранешната Џебхат ан-Нусра односно сириското крило на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда, која се појави како водечка сила во Дамаск по соборувањето на претседателот Башар ал-Асад пред повеќе од една седмица.

Челниците на ЕУ го поздравија падот на Асад, откако долго го осудуваат неговото „репресивно владеење и воведоа тешки санкции врз земјата“. Но, сега се соочуваат со дилемата како да се справат со HTS, која во Обединетите нации ја ставија на листата терористички организации. Групата беше огранок на Ал Каеда, наводно додека не ги прекинала врските со џихадистичката мрежа во 2016 година. Сепак, нејзиниот водач Aхмед ал-Шара, попознат под џихадистичкиот пседводним Абу Мухамед ал-Џолани, и натаму е на американската листа барани терористи.

Во 2020 година, ЕУ ја обвини HTS за незаконски затворања, мачења и убивање цивили кои живеат во областите под контрола на групата и дека многу од нив спаѓаат под воени злосторства или злосторства против човештвото.

„Не сакаме да видиме екстремизам, радикализација“, рече Калас, додавајќи дека HTS досега ги „кажала вистинските работи“, но дека групата ќе мора да биде оценета според нејзините постапки.

Калас рече дека разговарала со министрите на ЕУ за тоа дали се подготвени да ја променат политиката на санкции доколку видат „позитивни чекори, не зборови, туку вистински чекори и постапки“ од новото раководство.

„Мораме да имаме план кога ќе видиме чекори, да дејствуваме позитивно и да помогнеме во развојот на Сирија“, рече таа.

Сегашните санкции на ЕУ вклучуваат забрана за извоз на оружје во Сирија и увоз на нафта од земјата, како и забрана за инвестиции во сириската нафтена индустрија и замрзнување на сите средства на сириската централна банка во ЕУ.