Градот Скопје го продолжи третирањето на градските сообраќајници со Калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.
Во изминатото деноноќие, како што информираат од градот, булеварот „Свети Климент Охридски“ и улиците „Свети Кирил и Методиј“ и „Јордан Мијалков“ повторно биле третирани со Калциум магнезиум ацетат и тоа во два наврати, од 21 до 22 часот и од 05 до 06 часот.
Од Градот напоменуваат дека третирањето на градските сообраќајници со Калциум магнезиум ацетат ќе продолжи, а наскоро ќе се прошири и на други локации.
Градот Скопје ги информира граѓаните дека брзината на сообраќајниците каде што ќе се аплицира средството Калциум магнезиум ацетат ќе биде ограничена на 40 километри/час, заради можна појава на лизгавост на коловозот. На улиците ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Градот Скопје за оваа намена има изработено сообраќаен проект.