Два последователни земјотреса ја погодија американската сојузна држава Калифорнија во петокот вечерта, соопшти Геолошката служба на САД (USGS).
Првиот потрес со магнитуда од 5,7 степени по Рихтер бил регистриран во 19,50 часот по UTC, односно 21,50 часот по македонско време. Епицентарот на подземниот удар бил на 204 километри западно од градот Ферндејл, а на длабочина од само 9,1 километри.
Набрзо потоа следувал уште еден потрес со магнитуда од 5,6 степени, чиј епицентар бил на 58 километри од Ферндејл, и неговиот хипоцентар бил поплиток, на длабочина од 4,6 километри. Нема информации за материјални штети и евентуално настрадани.
Овие земјотреси предизвикаа загриженост, зашто се случија само по неколку дена по големиот земјотрес со магнитуда од 7,1 степени кој го погоди блиското Мексико во кој животите ги загубија речиси 300 луѓе а разурнати беа десетици згради.