Во Лондон Калиопи беше специјална гостинка на евровизискиот фан клуб од Велика Британија.
Претседателот на клубот Аласдаир Рендал по тој повод изјави: „ Калиопи е обожувана од евровизиските фанови во Велика Британија, таа е вистинска ѕвезда и затоа ние го спонзориравме нејзиното патување и престој во Лондон за оваа специјална и единствена прилика “!
Калиопи го отвори и затвори шоуто во неделата вечер, кадешто евровизиски ѕвезди од осумнаесет земји ги промовираа своите песни. Реакцијата од присутните и овој пат го следеше утврдениот рејтинг од претходните настапи во рамки на промотивната турнеја, дека Калиопи ја има најмоќната интерпретација во живо, на којашто никој во публиката не останува рамнодушен.
На задоволство на присутните Калиопи потсети и на големиот евровизиски хит „Црно и Бело“, а нејзиниот настап беше емитуван во живо на London Live TV.
Видно емотивна, откако се појави на сцената за да го затвори шоуто, Калиопи им се заблагодари на фановите, медиумите и организаторот, коишто направија таа да се чувствува толку многу добредојдена и сакана во Лондон. Калиопи им вети на сите дека ќе даде се од себе да ја слушнат „Дона“ и во финалето во Стокхолм, следниот месец и дека ќе направи Македонија да биде горда на нејзиниот настап!
Калиопи имаше одличен прием и кај медиумите, па беше интервјуирана од BBC, Channel 5, ITV, како и од најпопуларните евровизиски медиуми ширум Европа. Во шармантен и спонтан стил, Калиопи за медиумите ја опиша својата страст во изведбата на „Дона“ и зошто оваа песна е толку значајна за неа.
Промотивната турнеја ќе биде заокружена со посета на Албанија, кадешто Калиопи веќе во среда ќе гостува во националната телевизија и радио, за потоа да оствари средба и со претставници од други печатени и електронски медиуми од Тирана.