Камала Харис и Опра Винфри ќе одржат видео пренос во живо следната седмица

Американската потпретседателка Камала Харис ќе ѝ се придружи на Опра Винфри на видео настан следната седмица за да добие поддршка во клучните држави во трката за претседателските избори на 5-ти ноември.

Настанот „„Unite for America“ ќе се одржи во соработка со волонтерската мрежа „Win With Black Women“ и ќе собере повеќе од 140 локални групи за поддршка на демократската кандидатка Камала Харис. Харис на изборите се соочува со поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп.

„Она што ми е важно е да ги мотивирам луѓето да гласаат и тоа е мојата намера како домаќин на овој настан. Мојата цел е да ги заинтересирам луѓето за привилегијата и моќта на гласот“, изјави Винфри, која беше долгогодишна водителка на „The Oprah Winfrey Show“.

Настанот ќе се пренесува на онлајн платформи вклучувајќи ги YouTube, Instagram, Facebook, TikTok и Twitch. На настанот ќе има десетици групи кои се организираа преку Zoom откако започна кампањата за Харис во јули.

Винфри веќе зборуваше за поддршка на Харис на Демократската национална конвенција во Чикаго во август.

„Ве повикуваме сите вас независни и сите вас неопределени. На гласачкото ливче во 2024 година да гласате за пристојност и почитуање“, рече тогаш Винфри, опишувајќи се себеси како независен гласач.