Американската потпретседателка Камала Харис, го одржа најголемиот говор во својот живот во четвртокот, на последната вечер на Демократската национална конвенција во Чикаго, при што таа официјално ја прифати нејзината номинација за претседателски кандидат на демократите.
Харис официјално ја прифати номинацијата на нејзината партија за претседателка во четвртокот со поттикнувачки повик да се стави крај на војната во Газа и борба против тиранијата ширум светот, во настојувањето да подвлече остар контраст со републиканецот Доналд Трамп.
„Во тековната битка меѓу демократијата и тиранијата, знам каде стојам и знам каде припаѓаат Соединетите држави“, им рече Харис на Американци, обвинувајќи го Трамп дека „им се додворува на диктаторите“ додека тие влегуваат во последните 11 седмици од кампањата.
На последната и најочекуваната ноќ на Демократската национална конвенција во Чикаго, таа му се спротивстави на Трамп, обвинувајќи го дека не се борел за средната класа, дека планирал да ги зголеми даноците со неговите предлози за царини, како и дека наводно го вовел крајот на уставниот право на абортус со неговиот избор за Врховниот суд.
Во главното обраќање фокусирано на единството и аспирациите на работничката класа, Харис вети дека ќе ја води земјата „за сите Американци“ и ќе создаде „економија на можности“.
„Наместо зголемувањето на даноците на Трамп, ќе донесеме намалување на даноците за средната класа што ќе им користи на повеќе од 100 милиони Американци“, рече таа во својот говор, без да даде дополнителни поединости.
Минатата седмица, Харис ги спомена предлозите за намалување на даноците за повеќето Американци, забрана за зголемување на цените на трговците со мешовити стоки и изградба на подостапни станови, но нејзината агенда може да се соочи со отпор и од корпорациите и од американскиот Конгрес, кој ги отфрли сличните предлози кога дојдоа од демократскиот американски претседател Џо Бајден.
По неколкудневните протести на пропалестински расположените функционери на Демократската партија кои беа разочарани затоа што им беше оневозможено да зборуваат на конвенцијата, Харис вети дека ќе го обезбеди Израел, ќе ги врати заложниците дома од Газа и ќе стави крај на војната во палестинската енклава.
„Сега е време да се постигне договор за заложниците и прекин на огнот“, рече таа придружена со овации од поддржувачите, „секогаш ќе се залагам за правото на Израел да се брани и секогаш ќе гарантирам Израел да има способност да се брани“.
„Она што се случи во Газа во изминатите 10 месеци е поразително. Толку многу изгубени невини животи, очајни гладни луѓе кои бегаат повторно и повторно во потрага по безбедност. Обемот на страдањето е потресен“, рече таа.
„Претседателот Бајден и јас работиме да ставиме крај на оваа војна за Израел да биде безбеден, заложниците да бидат ослободени, страдањето во Газа да заврши и палестинскиот народ да може да го оствари своето право на достоинство, безбедност, слобода и самоопределување“, додаде Харис.
Таа, исто така, ја истакна неодамнешната одлука на Врховниот суд за претседателскиот имунитет и тврдеше дека има ризици коишто ќе се појават доколку Трамп повторно дојде на власт.
„Само замислете го Доналд Трамп без заштитните огради“, рече Харис која се појави како кандидат на демократите пред нешто повеќе од еден месец откако бешеизвршен притисок врз актуелниот претседател Бајден да се повлече од трката. Ако успее, ќе влезе во историјата како прва жена избрана за претседател на Соединетите држави.
Камала Харис ги опиша изборите на 5 ноември како „скапоцена, минлива можност да се надминат горчината, цинизмот и битките од минатото“ и „да се подготви нов пат напред“.
Во меѓувреме, републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп го критикуваше нејзиниот говор, објавувајќи пораки на социјалните мрежи како „Зошто не направи нешто за работите за кои се жали?“, „Таа се залага за неспособност и слабост – на нашата земја ѝ се смеат ширум светот“ и „Никогаш нема да ја почитуваат тираните во светот“.