Камерон: Иран ја дели одговорноста да ги спречи нападите во Црвеното Море

Британскиот министер за надворешни работи, поранешен премиер, Дејвид Камерон изјави во неделата дека јасно ставил до знаење во разговорот со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан дека Иран ја дели одговорноста за спречување на нападите на Хутите во Црвеното Море.

„Јасно кажав дека Иран ја дели одговорноста за спречување на овие напади, со оглед на нивната долгогодишна поддршка за Хутите“, напиша Камерон во објавата на социјалната мрежа Х, додавајќи дека нападите „се закануваат на невини животи и на глобалната економија“.

Иранските државни медиуми ја објавија изјавата на Амирабдолахиан дека „не може да му се дозволи на израелскиот режим да извршува масакри врз жени и деца и геноцид во Газа… , а запирањето ционистички (израелски) брод во Црвеното Море да се смета за закана за безбедноста на оваа економска водена рута“.

Хеликоптери на американската морнарица потонала три од четирите пловика коишто ги користеле јеменските шиитски бунтовници Хути, кои се поддржани од Иран,за напад на контејнерски брод во јужниот дел на Црвеното Море, соопшти во неделата американската војска.

Хеликоптери од бродовите „USS Eisenhower“ и „USS Gravely“, одговарајќи на повиците за помош од бродот „Maersk Hangzhou“, возвратиле на огнот отворен од чамците на Хутите и потонале три од нив, без преживеани, се тврди во соопштението на американската централна команда CENTCOM.

„Екипажот е безбеден и немало пожар на бродот, кој бил целосно маневрирачки и го продолжил патувањето на север до пристаништето Суец“, соопштија од данската бродска компанија „Maersk“. Компанијата објави дека го суспендирала пловењето на своите бродови во Црвеното Море во следните 48 часа.

Јеменските бунтовници Хути ги засилија нападите врз бродови во Црвеното Море кои се поврзани со Израел или пловат кон израелските проистаништа, демонстрирајќи ја својата поддршка за Палестинците во Појасот Газа и на Западниот брег, додека израелската војска води копнена офанзива чија цел е да го искорени палестинското сунитско движење Хамас, која се бори против Израел во Газа.

Бунтовничката група им се закани на САД по американскиот напад во кој загинаа 10 нејзини борци и пореча дека ќе продолжи да ги напаѓа бродовите поврзани со Израел или кои пловат кон израелските пристаништа.