Камерон: САД ја ризикуваат безбедноста на Западот двоумејќи се за Украина

Соединетите држави ја ризикуваат безбедноста на Западот со одолговлекувањето на испраќањето помош за Украина, ќе предупреди британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон при посетата на Вашингтон.

Камерон ќе му каже на Мајк Џонсон, републиканскиот спикер на Претставничкиот дом на САД, да ги убеди своите колеги да се откажат од блокадата на законодавниот пакет од 95 милијарди долари.

Според написот во британскиот весник The Telegraph, Камерон ќе каже дека Велика Британија и Европската унија издвоиле пари за Украина за следната година и ќе ги повика САД да го сторат истото. Велика Британија вети 2,5 милијарди фунти (3,1 милијарди долари) помош за Киев, а ЕУ ќе обезбеди 50 милијарди евра (54 милијарди долари).

Во написот за The Telegraph, Камерон заедно со неговиот француски колега Стефан Сежурне, ги повикаа другите сојузници на Украина да испратат поголема финансиска помош.

Статијата е објавена по повод 120-годишнината од „Antantа cordiale“ (Средечниот договор), серија договори меѓу Франција и Британија кои го отворија патот за подобри односи меѓу двете земји.

„И двајцата кажуваме апсолутно јасно – Украина мора да ја добие оваа војна. Ако Украина загуби, сите ние губиме… Но, како што беше речено на конференцијата во Париз во февруари, мораме да направиме повеќе за да ја победиме Русија. Светот гледа и ќе ни суди ако не успееме.. Не зависи само Франција и Британија да се справат со овие предизвици. Но заедно, можеме да ги привлечеме другите да ни се придружат во нивното надминување“, се истакнува во написот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата предупреди дека Украина ќе ја изгуби војната доколку САД не одобрат нова помош. Во текот на неговата претходната посета на Вашингтон, Камерон ги спореди оние што ја блокираа американската помош за Украина со оние кои се обидувале да ја примират нацистичка Германија во 1930-те.

Предвидено е Камерон да се сретне и со американскиот државен секретар Ентони Блинкен за да разговара за војната во Појасот Газа.