Британскиот премиер Дејвид Камерон планира да воведе рестриктивни мерки за добивање на социјална помош за романските и бугарските работници, кои се наоѓаат на територијата на Велика Британија. Ова е резултат на јавните стравови од бранот на мигранти од посиромашните земји на Европската унија, пренесува „Ројтерс“.
Камерон наметна нова мерка која треба да стапи на сила од први јануари, следнава година, што ги принудува мигрантите од ЕУ да чекаат три месеци пред да можат да аплицираат за социјална помош.
Висок владин извор, навел пред „Ројтерс“, дека Камерон одново предвидувал мерката да стапи во сила кон средината на идната година, но решил да го забрза процесот.
„Забрзувањето на лансирањето на овие нови ограничувања ќе ја направи Велика Британија непривлечно место за мигранти од ЕУ, кои сакаат да дојдат тука и да живеат на сметка на државата. Сакам да испратам јасна порака дека иако Велика Британија е доста отворена за бизнис, ние нема да прифаќаме луѓе кои не сакаат да дадат свој придонес за земјата“, наведува Камерон.
Камерон ги обелодени плановите за ограничување на пристапот за социјална помош на мигрантите од ЕУ во Велика Британија минатиот месец, велејќи дека сака да се ограничи можноста мигрантите од посиромашните членки на ЕУ да се преселат во побогатите, без да придонесуваат за истите.
Тој објасни дека е потребно итно да се зајакне контролата над агенциите кои вработуваат работници само од странство, за да може да се осигура дека овие луѓе ќе бидат обучени за квалитетни вработени.