Две возила паднале во река во јужна Норвешка во понеделникот рано утрото, при што автомобил целосно паднал во водата а камионот се заглавил речиси вертикално на подигнатиот дел и притоа двајцата возачи се спасени и се чувствуваат добро, соопшти полицијата.
Полицијата била известена кусо по 7,30 часот дека мостот во општината Ојер, северно од Лилехамер, се урнал кога камион и автомобил минувале преку него. Возачот на камионот бил спасен со хеликоптер, додека возачот на автомобилот самиот се ослободил од возилото, соопшти локалната полиција.
Мостот долг околу 150 метри, кој го поврзува западниот брег на реката Гудбрандсдалслаген и селото Третен, е релативно нов и бил отворен во 2012 година.
Норвешката автомобилска федерација соопшти дека мостот бил проверен во 2021 година, што предизвикува загриженост за безбедноста на таквите мостови.
Атле Формо, кој живеел покрај мостот Третен, изјавил дека слушнал „интензивен удар“.
„Целата куќа се тресеше. Ги подигнав ролетните во спалната соба и погледнав веднаш кон мост“, изјавил за норвешката телевизија TV2 која додава дека сличен близок мост во Соја во долината Гудебрант, исто така, направен од залепено ламинирано дрво се урнал во 2016 година при минување на камион.
Тогаш, 11 слични мостови, вклучително и овој во Третен, биле привремено затворени од Норвешката управа за јавни патишта. Агенцијата во извештајот за уривањето во 2016 година навела дека „директна причина за уривањето на мостот е дефектен спој на констуркцијата“.