Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА) почна голема кампања за подигање на свеста и помагање да се спречи ширењето на африканската свинска чума во Југоисточна Европа
Кампањата е наменета за земјите за кои ЕФСА во 2019 година идентификуваше дека колективно сочинуваат „ризичен регион“ поради нивната непосредна близина со земји каде што е присутна африканската свинска чума. Овие земји се Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Македонија, Србија и Словенија.
Нашата кампања има за цел да ги дополни постоечките активности на Европската комисија и други меѓународни организации кои работат на искоренување на болеста во Европа.
Африканската свинска чума (АСЧ) е вирусно заболување кое ги напаѓа домашните и дивите свињи. Овој вирус е безопасен за луѓето, но предизвика значајни економски нарушувања во многу земји. Сè уште не постојат вакцини за АСЧ, па затоа појава на болеста може да изискува колење на голем број свињи од одгледувачници во зафатените области.
Оваа кампања има за цел да ја зголеми свеста и знаењето за АСЧ во сите девет земји. Наменета е за групи на луѓе и поединци кои се во контакт со домашни и диви свињи, како што се фармери и ловџии. ЕФСА исто така ќе оствари соработка со ветеринарни организации, ловџиски здруженија, фармерски групи, царински службеници, гранична полиција, локални самоуправи, туристички организации и патници.
Со оглед на тоа што појавата на АСЧ може да има катастрофални последици, препознавањето, спречувањето и пријавувањето се особено важни за да се заузда оваа болест. Ова се клучните зборови на нашата кампања.
Дознајте повеќе за АСЧ на веб-страницата на кампањата: www.efsa.europa.eu/StopASF