Кампања за локалните избори во Албанија со умерени тонови, оценуваат од ОБСЕ/ОДИХР

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во Албанија во својот извештај за првите две недели од изборната кампања оценува дека таа досега била со „релативно скромен и умерен тон”.

Мисијата се задржува и на бројот на кандидатите, каде меѓу другото забележува дека вкупно 40 партии и коалиции со 144 кандидати за градоначалник и околу 23.700 кандидати за совети на општините конкурираат за 61 место за градоначалник и 1.603 места за членови насоветите.Од вкупниот број двајца се независни кандидати за градоначалник и десет за општински совети.

„Само 15 од 144 кандидати за градоначалник се жени. Четириесет кандидати се уште се на разгледување од страна на Јавното обвинителство и се чека конечната одлука за нивно прифаќање. Во единствениот избирачки список запишани се 3.650.550 лица со право на глас“, стои меѓу другото во извештајот.

Препорака е доследно да се користат средствата одобрени ид буџетот за активности на партиите.

Инаку според Централната изборна комисија од буџетот, за активности на политичките партии одобрени се над 97 милиони лека.

„Распределени се на 14 политички партии. Најмногу доби Социјалистичката партија 42,8 милиони, Демократската 24,9 и Партијата на слободата 15,5 милиони лека. Фондот важи само 30 дена( време на кампања) и доколку не се искористи ќе треба да се врати во државниот буџет“, стои во објава на веб страната на ЦИК.