
Кампањата на американската потпретседателка Камала Харис во понеделникот соопшти дека собрала 81 милион долари во првите 24 часа откако објави дека ќе се кандидира за претседателска номинација на Демократската партија, истовремено најавувајќи дека претседателската номинација може да биде обезбедена до среда навечер.
Во соопштението се вели дека сумата „ги одразува парите собрани за време на кампањата, од Демократскиот национален комитет и заедничките комисии за собирање средства“.
Станува збор само за донации од мали донатори, се вели во соопштението за медиумите на тимот на потпретседателкатат, нагласувајќи дека тоа е најголемата наплата на средства спроведена од кандидат во целата американска историја за 24 часа, пренесува AFP.
Потпретседатеката Камала Харис има цел да ја обезбеди претседателската номинација до среда навечер со обезбедување мнозинство од речиси 4.000 делегати на демократската конвенција потребни за победа, рекле за Reuters четири извори запознаени со ова прашање.
Претставниците на нејзината кампања и партнерите упатуваат стотици телефонски повици за да ја поддржат делегатската поддршка пред конвенцијата од 19-ти до 22-ри август во Чикаго, додека, исто така, се обидуваат да ги блокираат сите потенцијални предизвикувачи, како што првпат објави Reuters во неделата.
Обезбедувањето на поддршката од делегатите е клучно за да се осигура дека актуелната потпретседателка Харис ќе го замени претседателот Џо Бајден како кандидат на партијата на претседателските избори на 5-ти ноември против републиканецот Доналд Трамп.
На Харис ѝ е потребна поддршка од апсолутно мнозинство, или околу 1.969 од 3.936 демократски делегати, за да ја обезбеди нејзината номинација на конвенцијата во август. Досега околу една четвртина се обврзаа дека ќе ја поддржат, врз основа на јавните објави .
Претседателот Бајден ја поддржа Харис како негов наследник, но тој не може да ги принуди делегатите да го следат неговиот пример.
„Одобрувањето на Бајден за Харис имаше силен ефект врз донаторите да дадат пари, како и делегатите… за на крајот да застанат зад неа. Бидејќи ја поддржа потпретседателката, мислам дека до крајот на работното време во среда, таа ќе има доволно ветени делегати за да надмине 50 отсто поддршка“, изјави за Reuters претседателот на Демократскиот национален финансиски комитет Крис Корге, делегат од Флорида.
Јужната сојузна држава Тенеси стана првата што ги вети своите 70 демократски делегати на потпретседателката, изјавиле извори за Reuters во неделата.
Двајца високи претставници на кампањата рекоа дека целта е да се обезбеди доволно поддршка до среда, додека друг висок извор потврдил дека „се работи на тоа“. Кабинетот на потпретседателот и официјалниот изборен штаб одбија да ја коментираат таа цел.