Кампањата на противкандидатот на Трамп: „Бајден нема да ти вбризга избелувач“

Откако на вчерашниот брифинг американскиот претседател Доналд Трамп предложи вбризгување на дезинфициенти во човечкото тело како начин на лекување на Ковид-19, кампањата на неговиот соперник на претстојните избори, поранешниот потпретседател Џо Бајден, излезе со нов слоган.

– Бајден нема да ти вбризга избелувач, се наведува во илустрираната Твитер порака.

Трамп синоќа се корегираше, и укажа дека претходно искажаните забелешки кога зборувал за можноста од вбризгување агенси за чистење во телата на пациентите биле сарказам.

– Разговарав со Бил (Брајан, раководител за наука и технологија во Директоратот на Министерството за национална безбедност)… Значи, да речеме го озрачуваме телото со моќна ултравиолетова или обична светлина… и светлината некако, преку кожата, проаѓа внатре во телото. И гледам дезинфициент кој го убива (вирусот) за минута. И дали постои начин да се направи тоа со вбризгување внатре или речиси чистење. Затоа што гледаш како тоа влегува во белите дробови… Би било интересно да се провери тоа, но треба да се вклучат лекари по медицина… изјави Трамп на брифингот на кој присуствуваше и д-р Дебора Биркс, експeрт во Координативното тело на Белата куќа за борба со новиот коронавирус.

Според Ен-би-си њус, во интервју по брифингот Биркс ги бранела тврдењата на Трамп, но според телевизијата, тоа се случиле пред претседателот да се корегира дека бил „саркастичен“.

На самиот брифинг, таа му одговори на Трамп дека процедурата „не е начин на лекување“.

Ве молиме не вбризгувајте избелувачи или дезинфициенти. Инекции со избелувачи предизвикуваат хемолиза (кога белите крвни зрнца што носат кислород се распаѓаат) и предизвикуваат оштетувања на црниот дроб, а многу дезинфициенти можат да предизвикаат опасно печење или крварење во стомакот. Овој твит е лекарски совет, напишаа на Твитер од Катедрата за токсикологија на Унверзитетот Харвард.